Американскиот државен секретар, Џон Кери ја обвини сириската Влада за одолговлекување на мировните преговори кои имаат за цел да стават крај на граѓанската војна, и упати апел до Москва да запре со снабдувањето оружје за претседателот Башар Ал-Асад.
Изјавите на Кери доаѓаат откако со непостигнувањето на договор, продолжија и насилствата во Сирија.
Пред новинарите Кери рече дека Русија мора да биде дел од изнаоѓањето решение и дека Асад се обидува да победи на терен наместо на преговарачка маса.
Зборувајќи пред заминувањето во Азија и Блискиот Исток Кери рече: „Режимот одолговлекува. Тие не направија ништо освен што фрлаа бомби врз нивниот народ и продолжија да ја уништуваат нивната земја. И жалам што морам да кажам дека тоа го прават со зголемена поддршка на Иран, на Хезбола и Русија“.
Тој напомена дека Русија мора да биде дел од решението и да не придонесува со оружје, што креира дополнителни проблеми.