„Јас сум невин! Не сум сторил ништо! Многу ме посрамотија и мене, но и вас, моите најблиски“, и’ рекол новинарот Томислав Кежаровски на својата сопруга при посетата во затворот во Шуто Оризари, објавува Утрински весник.
Средбата помеѓу новинарот Кежаровски и неговата сопруга Марина траела дваесетина минути.
„Не знам што очекуваат од мене? Веројатно очекуваат дека треба да завршам како колегата Владо Таневски? Јас им кажав дека мене ќе ми судат судии, но ним ќе им суди Господ“, и’ рекол Кежаровски на првата средба на сопругата откако пред точно една недела му беше изречен 30-дневен притвор поради сомневање дека пред пет години открил идентитет на лице кое во судска постапка имал статус на заштитен сведок.
„Беше тоа мачна средба. Со Томче се видовме прв пат по упадот на маскираните полицајци во нашиот дом кога дојдоа да го приведат. Јас се интересирам и го прашувам камо му е, а тој се интересира за нас, домашните. Можеби сто пати ме праша како е ќеркичката – неговата миленичка“, раскажува Марина Кежаровска и вели дека многу му значи што таа мисли на него. Ми вели дека постојано кога девојчето ќе видеше некое апсење на телевизија, и’ објаснувал дека луѓето под маски се добри и дека тие се борат против криминалот, а сега тие исти луѓе со маски дошле по него… Нему сега најголем проблем му е да и’ објасни на ќерката дека тој не е криминалец и дека не сторил ништо лошо. Му реков да не се грижи за нас и да се гледа себеси. Му кажав дека ние сме горди на него и дека за нас, домашните, за неговите колеги и пријатели тој е невин и дека поддршка добива од сите страни, а најмногу од новинарите,“ вели Кежаровска.