Украина соопшти дека не постојат докази за тврдењата на Русија дека украински беспилотни летала нападнале една од официјалните резиденции на рускиот претседател Владимир Путин.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Русија не понудила никакви уверливи докази за ваквите обвинувања.
Нема никакви докази, таков напад не се случил“, напиша Сибиха на социјалните мрежи. Тој додаде дека Русија има „долг список на лажни тврдења“, што, како што наведе, е нивна препознатлива тактика. „Често ги обвинуваат другите за она што самите планираат да го направат. Нивните зборови никогаш не треба да се земаат здраво за готово, порача Сибиха.
Изјавата доаѓа откако Украина остро ги отфрли руските тврдења за наводен напад во Новгородската област. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера тврдеше дека во нападот биле уништени 91 украински дрон, и најави дека Москва ќе ја ревидира својата преговарачка позиција, со порака дека веќе е одлучено како Русија ќе одговори.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски обвинувањата ги нарече лажни и оцени дека Кремљ со нив подготвува оправдување за нови руски напади. Според неговите зборови, целта на Москва е да создаде изговор за удари врз Киев и државните институции.
Ако нема скандал меѓу Украина и САД и ако има напредок, тоа за Русија е неуспех, бидејќи тие не сакаат да ја завршат војната, рече Зеленски, предупредувајќи дека сите мора да бидат внимателни поради можни напади врз главниот град.
Зеленски дополнително порача дека во ситуацијата поактивно треба да се вклучат американскиот претседател Доналд Трамп, неговата администрација и европските сојузници, со цел да извршат притисок врз Москва.
Oфицијална Москва пак дополнително ги засили обвинувањата дека Украина користела беспилотни летала за напад врз една од официјалните резиденции на Владимир Путин, објави Ројтерс.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави во Москва дека станува збор за „терористички напад“ со цел нарушување на мировните преговори, тврдејќи дека нападот не бил насочен само против рускиот претседател, туку и против американскиот претседател Доналд Трамп.
Не гледам потреба од дополнителни докази, а што се однесува до воените последици, нашата војска знае со што и кога да одговори, изјави Песков.




