Државните медиуми во Северна Кореја повторно објавија фотографија од својот лидер Ким Јонг Ун.
Севернокорејскиот лидер кој неделава се појави во јавноста по отсуство од речиси шест недели, денес повторно е на насловните страни.
Весник на владејачката партија објави слика од Ким, насмеан со бастун во рака, како врши контрола во универзитет специјализиран за нуклеарни истражувања.
Дури на 14 октомври тој се појави во јавноста, за прв пат после 3 септември, што резултираше со шпекулации за неговото здравје и политичкиот статус во државата.
Според францускиот весник „Пуан“, причината за неговото отсуство е операција на двете нозе, која во средината на септември ја извршил француски лекар.
Ким Јонг Ун власта во Северна Кореја ја презеде по смртта на неговиот татко Ким Јонг Ил. Партијата на која и припаѓа младиот лидер е основана од неговиот дедо Ким Ил Сунг.