Поранешни дипломати, високи службеници на министерството за безбедност, и поранешни високи функционери во Северна Кореја, во септември во Холандија разговарале за состојбата на режимот во нацијата на која порано ѝ служеле.
Клучниот говор му припаѓа на Јанг Ју Сунг, кој бил задолжен за пропаганда во времето на диктатурата на Ким Јонг Ил, пренесува Дејли мејл.
Јанг за време на говорот потенцирал дека Северна Кореја е среде граѓанска војна. Според него, поранешни функционери на контраразузнавачката заедница и членови на кабинетот за Организација и управување (ОГД) одбиваат да слушаат наредби од Ким Јонг Ун.
Сунг вели ОГД ефективно ја презел контролата врз земјата.
„Од една страна се луѓето што сакаат да го задржат режимскиот монопол“, изјавил Јанг. „А од друга се наоѓаат функционери што не се во отворен конфликт со режимот, но сакаат да ја искористат ситуацијата и да стекнат влијание. Тоа не е свесна граѓанска војна, но имаме две сили кои се меѓусебно исклучиви“.
Изјавата на Јанг доаѓа во време кога неприсуството на Ким Јонг Ун, 31-годишниот наследник на титулата Врховен лидер преземена од покојниот диктатор и негов татко Ким Јонг Ил, предизвикува љубопитство кај светските медиуми.