Најмалку 47 лица ги загубија животите, а 296 се повредени во земјотресот, кој утрово ја погоди северозападната кинеска провинција Гансу, јавува Си-Ен-ЕН, повикувајќи се на соопштението на локалните власти.
Земјотресот бил 6,6 степени и го погодил подрачјето помеѓу округот Минсјанг и Џангсијан.
Според сеизмолошката служба на провинцијата Гансу, епицентарот на земјотресот се наоѓал на длабочина од 20 километри.
Земјотресот бил почувствуван во речиси сите градови во Минсијан, а најмногу се погодени градовите Меичуан и Пума, каде потресот уништил голем број на куќи. Комуникациите во 13 градови во округот Џангсијан се прекинати.
Припадници на војската и полицијата веднаш биле упатени во подрачјата погодени од земјотресот и се вклучиле во акцијата за спасување, додека локалните власти веднаш обезбедиле итна медицинска помош и околу 1.000 шатори.
Метеоролозите за понеделник, во овие подрачја прогнозираат врнежи од дожд, што само може да им ја отежни работата на спасувачките екипи.