Градското собрание на Вуковар, го исфрли српскиот јазик и кирилицата од Статутот на градот. Службен јазик во тој град е хрватскиот, азбуката – латиница, одлучи Градското собрание.
Одлуката е донесена со мнозинство гласови на претставниците на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и Хрватската партија на правата д-р Анте Старчевиќ, а против беа тројца членови на Самостојната демократска српска партија (СДСС), додека осум членови на Социјалдемократската партија (СДП) беа воздржани, јавува Хина.
Советникот Горан Бошњак од СДП рече дека одлуката да се изземе двојазичноста од службена употреба, е противуставна.
„Прогласувањето на Вуковар за место со посебна побожност е само декларативно, бидејќи тоа го нема никаде во законот. Исто така, ниеден статут не може да го повреди било кој закон, особено не Уставниот закон (за правата на националните малцинства)“, изјави Бошњак, пренесуваат локалните медиуми.
Статутот на градот Вуковат, последен пат е менуван во 2009 година.