Во современото европско право етничката припадност не е административна категорија што ја утврдува државата. Таа не е дозвола што се добива од институција. Таа не е уверение што го издава некоја комисија. Етничката припадност е прашање на лична самоидентификација.
Рубин Земон
Осврт кон Законот за соодветна и правична засташеност:
Во едно демократско општество постои граница што државата никогаш не смее да ја премине. Тоа е границата помеѓу заштитата на човековите права и контролата врз човековиот идентитет. За жал, токму на таа опасна линија се наоѓа новиот Предлог-закон за соодветна и правична застапеност.
На прв поглед, целта на законот е благородна. Правичната застапеност на заедниците е важен демократски принцип и дел од уставниот поредок на Република Северна Македонија. Но, кога внимателно ќе се прочитаат неговите одредби, се отвора едно суштинско прашање: дали државата сака да обезбеди еднаквост или сака да добие право да одлучува кој на која заедница припаѓа?
Во членот 6 од Предлог-законот се гарантира правото на слободно изјаснување за припадност кон заедница. Тоа е во согласност со член 48 од Уставот, кој им гарантира на припадниците на сите заедници право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет. Тоа е во согласност и со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, според која секој има право сам да одлучи дали ќе биде третиран како припадник на одредена заедница.
Но веднаш потоа законот воведува можност етничката припадност да биде предмет на проверка преку таканаречени „објективни критериуми“, меѓу кои се наведуваат и личните податоци и името на граѓанинот.
Токму тука започнува проблемот!
Во современото европско право етничката припадност не е административна категорија што ја утврдува државата. Таа не е дозвола што се добива од институција. Таа не е уверение што го издава некоја комисија. Етничката припадност е прашање на лична самоидентификација.
Затоа сосема логично се поставува прашањето: кој ќе одлучува дали нечие изјаснување е „вистинито“?
Дали некоја комисија ќе проценува кој е доволно Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Бошњак или Египќанец? Се сеќавате ли на она кога поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов во една книга напишал дека „антисемитист е човек што повеќе од потребно ги мрази Евреите“? Разликата помеѓу тој исказ и законското право да некој проценува кој е доволно припадник не некоја заедница не е голема.
Дали администрацијата ќе стане арбитер на идентитетот?
Апсурдноста на ваквиот пристап најдобро се гледа преку еден личен пример.
Јас сум Рубин Земон, припадник на заедницата на Балканските Египќани. Тоа е мојот личен, семеен и колективен идентитет. Но, доколку државата почне да применува критериуми засновани врз имиња и презимиња, кој може да гарантира дека некој службеник или комисија нема да заклучи дека моето име и презиме повеќе наликуваат на еврејска отколку на египќанска традиција? Дали тогаш некој ќе има право да ми каже дека мојата самоидентификација е помалку важна од неговата интерпретација на моето име?
Дали некој од државните службеници ќе има за право да членовите на семејството на поранешниот пратеник Бранко Манојловски им кажат дека традиционално не се Албанци со православна религија, бидејќи имаат нетипично албанско име ? Дали некој на семејството на Исмаил Бојда ќе има каже дека не се Македонци со исламска религија, бидејќи имаат нетипично македонско име?
Токму тука лежи опасноста.
Балканот со векови бил простор на миграции, асимилации, мешани бракови, исламизации, христијанизации, промени на презимиња и сложени историски процеси. Илјадници луѓе денес носат имиња што не кореспондираат со нивната етничка самоидентификација. Некој може да има словенско име и да се чувствува како Египќанец. Друг може да има турско презиме и да се идентификува како Македонец. Трет може да има албанско име и да биде Бошњак.
Затоа демократските држави одамна го напуштија принципот етничката припадност да се докажува преку надворешни обележја. Единствениот цивилизациски прифатлив принцип е човекот сам да каже кој е.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што законот предвидува санкции за лица кај кои ќе биде утврдена „злоупотреба“, а притоа не нуди доволно јасни критериуми што претставува злоупотреба. Таквата правна нејасност отвора простор за произволност и селективна примена.
Особено ранливи ќе бидат помалите заедници, лицата од мешани бракови и оние чии идентитети не се вклопуваат во однапред создадени етнички шаблони. Наместо да бидат заштитени, тие можат да станат предмет на дополнителни проверки и сомнежи.
Ова не е прв обид државата да навлезе во сферата на личниот идентитет. Во 2021 година Македонија беше сведок на иницијативата етничката припадност да се впишува во личните карти. Тогаш голем број правници, активисти и организации за човекови права предупредуваа дека таквата мерка не ги проширува човековите права, туку создава простор за нови поделби и дискриминација.
Основниот аргумент беше едноставен: државата не смее да ги сведува своите граѓани на етнички ознаки. Наместо да ги намалува поделбите, таа ризикува да ги институционализира.
Денешниот Предлог-закон не бара етничката припадност да биде впишана во личните документи, но ја следи истата логика. И тогаш и денес суштинската порака е иста – државата не сака само да го гарантира правото на идентитет, туку сака да создаде механизми преку кои ќе го проверува.
Особено симптоматично е што во ова законско решение речиси е занемарена улогата на Агенцијата за остварување на правата на заедниците. Токму оваа институција, формирана за заштита и унапредување на правата на помалите заедници, требаше да има централна улога во процесот на креирање и следење на ваквите политики. Нејзиното маргинализирање испраќа лоша порака – дека се носи закон што директно ги засега заедниците, без суштинско вклучување на институцијата која треба да биде нивен најсилен заштитник.
Членот 8 од Уставот ги утврдува човековите права, владеењето на правото и слободното изразување на националната припадност како темелни вредности на уставниот поредок. Тие вредности не смеат да останат само убаво напишани зборови. Тие мора да бидат граница што државата нема право да ја премине.
Правичната застапеност е легитимна и неопходна цел. Но таа не смее да се гради врз сомнеж кон сопствените граѓани и врз административно преиспитување на нивниот идентитет.
Затоа прашањето денес не е само дали законот ќе ја подобри застапеноста. Прашањето е многу подлабоко.
Дали во Македонија граѓанинот ќе има право сам да каже кој е, или некоја институција ќе одлучува дали неговото изјаснување е доволно убедливо?
Во моментот кога државата ќе си даде право да ја оценува автентичноста на нечиј етнички идентитет, не е загрозена само една заедница. Загрозена е слободата на сите.
Утре може да одлучува и кој сте вие ….




