Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник изјави дека го испраќа својот граничен комесар, Том Хоман, во Минесота, по протестите за време на викендот, кога беше убиен уште еден американски државјанин од страна на имиграциски агенти во државата, објави Си-ен-ен.
Том е строг, но фер и ќе ми поднесува извештаи директно мене, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи.
Одделно, портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави за мрежата X дека Хоман ќе ги води операциите на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) во државата.
Трамп вчера за „Волстрит журнал“ изјави дека неговата администрација го разгледува последното пукање и сигнализираше подготвеност на крајот да ги повлече службениците за имиграција од областа на Минеаполис.
Ќе заминеме во одреден момент. Направивме, тие завршија феноменална работа, рече Трамп, без да даде конкретен временски рок.
Инаку американските имиграциски агенти го убија 37-годишниот Алекс Прети завчера.
Министерството за внатрешна безбедност го окарактеризира инцидентот како напад, но снимките од очевидци што ги прегледа Ројтерс го покажуваат Прети како држи телефон, а не пиштол, додека се обидува да им помогне на другите демонстранти кои беа соборени на земја од агенти.
На 7 јануари, федерален агент за имиграција ја уби американската државјанка Рене Гуд откако ѝ се приближи додека таа беше во нејзиното паркирано возило. Официјални лица на Трамп изјавија дека таа се обидела да ја удри агентката со своето возило, но други набљудувачи велат дека видеото на очевидец сугерира дека таа се обидувала да му скршне.




