Сметав дека е потребно да апелирам до вас уште еднаш да го разгледате предлог-буџетот за 2026 и да ги зголемите финансиите за Јавното обвинителство. Средствата кои ние ги бараме не излегуваат надвор од законски предвидените рамки и ни се неопходни за ефикасна работа, апелираше државниот обвинител Љупчо Коцевски пред пратениците.
Тој рече дека истите барања ги повторуваат секоја година, а Европската комисија во последниот ивештак нотира дека за ефикасна борба против криминалот и корупцијата мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на обвинителството и на судството.
Верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите кои ни се неопходни за да можеме да работиме. Имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за следната година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4% од вкупниот буџет, се предлагаат едвај околу 0,2% за потребите на Обвинителството. Во вкупен обем на средства, износот е дури и помал од тековната година, што е нелогично во услови кога сите трошоци растат,рече Коцевски.

