Српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ изјави дека штом Србија стане членка на Европската Унија (ЕУ), ќе мора да се усогласи со политиката на воведување на санкции против Русија, јави дописникот на МИА од Белград.
„Единството на сите во ЕУ и меѓу кандидатите е инструмент што ја ослабува Русија, бидејќи се избегнува глобален конфликт што би го одвел светот во колапс“, изјави Јоксимовиќ во интервју за весникот „Курир“.
Таа оцени дека новата влада ќе ги забрза реформите и европскиот пат на Србија.
„Во текот на наредната година ќе го имаме подготвено кластерот два – внатрешен пазар и пет – кохезија, ресурси и земјоделство. Кластерот три – инклузивен раст и конкурентност е веќе подготвен, а кластерот еден – владеење на правото и четири – зелена агенда и одржливо поврзување се веќе отворени. Останува кластерот шест во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика“, објасни Јоксимовиќ.
Таа додаде дека Србија според старата методологија на ЕУ минала половина од преговарачката работа, а според новата Србија е единствената што ги забрзала преговорите.