Укинат паралелен увоз и оригинален инсулин за дијабетичарите – кои се` погодности беа воведени за лицата со дијабетес за време на министерувањето на Венко Филипче?
Пишува: Марин Невески, лице со хроничен дијабетес
Ефикасното управување со хронични состојби како што е дијабетесот е предизвик, пред сè за лицата што живеат со дијабетес и за нивните семејства, а потоа и за државата која што треба да има воспоставено високоразвиен систем за поддршка на дијабетичарите, преку обезбедување на навремена и квалитетна терапија за нив.
Сепак, непредвидливоста во снабдувањето со инсулин и загриженоста за квалитетот на инсулинот, беа дел од клучните проблеми со кои постојано се соочуваа дијабетичарите.
Недостатоците во снабдувањето со инсулин не само што го загрозуваат континуитетот на лекувањето, туку го зголемуваат и ризикот од тешки компликации за поединци.
Последиците од лошото администрирање на набавките ги чувствуваат пациентите со дијабетес, кои честопати апелираат неизвесноста во која некогаш се доведуваат да престане.
Овие критични предизвици беа препознаени и соодветно адресирани во периодот додека на чело на Министерството за здравство беше неврохирургот д-р Венко Филипче кој веднаш по преземањето на мандатот во декември 2017 година направи клучни промени кои го подобрија третманот за лицата со дијабетес.
Една од позначајните законски измени воведени беше на Законот за лековите и медицинските средства, со што се укина паралелниот увоз за инсулин и терапија за дијабетес.
Со укинувањето на паралелниот увоз, во земјата се донесоа оригинални инсулини и терапија за дијабетес со сертификат какви што се носат во сите развиени европски земји.
Паралелниот увоз не гарантираше квалитет на инсулинот, ниту пак државата имаше контрола дали терапијата којашто се набавува е исправна, дали е запазен неопходниот ладен синџир кога се транспортираат овие лекови и сите други потенцијални нејаснотии што се отворија со овој начин на набавка на лекови.
Додека д-р Филипче раководеше со секторот здравство, беа воведени и три нови типови на Инсулин, од најновата генерација на лекови. Еден од нив е наменет за децата, а станува збор за Тресибата. Покрај тоа, беа донесени и 5 нови препарати кои што овозможуваат уште подобра контрола на гликемијата и инсулини кои се кардиопротективни.
Дополнително, во рамките на националниот електронски систем „Мој термин“ профункционира и посебен софтвер преку кој во реално време се следат потрошувачката и снабдувањето со инсулин и ленти за мерење шеќер во сите установи и нашата држава е пример за таков тип софтвер, единствен во регионот.
Во насока на навремена и прецизна дијагностика, пак, на Клиниката за ендокринологија во функција беше ставен и дијагностички центар за дијабетес и метаболички нарушувања.
Сите овие мерки треба да бидат поддржувани во континуитет и листата да се проширува согласно потребите на лицата со дијабетес.
Во таа насока, поранешниот министер за здравство Филипче, кој сега е носител на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, неколкупати во своите јавни настапи најави дека и како пратеник, преку механизмите на законодавниот дом, ќе се залага за решенија што ги штитат правата на пациентите, вклучително и на лицата со дијабетес.
„Ќе се залагам терапијата за дијабетичарите да биде навремена и секому достапна, како што беше кога бев министер, тогаш и во најголемата здравствена криза, дијабетичарите не останаа без терапија и без ленти, игли, гликемери“, истакна Филипче.
Тој најавува дека сите предлози што ќе доаѓаат од него ќе бидат во координација со асоцијациите и здруженијата на лицата со дијабетес како партнери за подобрување на условите и квалитетот на животот на лицата и децата со дијабетес.