Иако за архоелошките ископувања и за потрага по скриено богатство важат различни правила, секој таков потфат треба да се пријави и да се регистрира како таков, велат за НОВА познавачите на оваа проблематика.

-Ископувањето треба да се пријави во Министертвото за култура, а доколку тоа не се направи тогаш станува збор за кривично дело. И археолозите треба да бараат дозвола, вели Несторовски..

Тој раскажува дека поради честата злоупотреба на својата положба се случувало многу од археолозите кои работеле на ископините да бидат ставени на полиграф од страна на МВР, за да се види дали ја говорат вистината бидејќи исчезнувале многу вредни предмети.

-Тие предмети можат да бидат толку мали што можат да се стават во џеп, а македонската бронза е многу квалитетна и скапа. Еден сантиметар чини од 1000 до 1200 евра, така што една фигура од 10 сантиметри може да чини околу 12 000 евра потенцира Несторовски.

Во однос на оваа проблематика ние фукционираме како раштиман оркестар, едно прават археолозите, друго дивите копачи, трето државата. Всушност, државата има голема вина во она што се случува велат извори за НОВА во Заводот за заштита на културното наследство. Со измените во Законот во 2005-та година беше предвидено да се донесе Национален акционен план за превенција на криминалитетот против културното наследство, но за осум години ништо не е направено за работите да се стават во ред велат од таму.

Поранешниот директор на овој Завод, Јован Ристов пак, вели дека трагањето по скриено богатство не е забрането, но треба да се работи според одредени прописи.

-Некој ги помешал лончињата, а властите ќе продолжат да грешат доколку не прават разлика меѓу скриено богатство и археолошко богатство вели Ристов.

И тој објаснува дека не е случајно кога ќе се собере некоја екипа за да копаат на одреден локалитет. Најчесто трагачите ја купуваат нивата каде што имаат сознанија дека е закопано богатсво, се поставува шатор и се копа во длабочина со образложение пред локалното население дека бараат вода.

Но, она што е особено интересно е што поради злоупотреба престанале да се печатат археолошките карти, кои и покрај тоа што биле доста скапи, масовно ги купувале токму дивите копачи.

Нашите соговорници велат дека археолошките наоѓалишта се неминовно поврзани со локалитетите каде се бара скриено богатсво. Обично кога се бара злато може да се наиде на археолошки локалитет и да се најдат артефакти од непроценлива вредност.

Таков е примерот со двајцата браќа од Гевгелија кои во близина на Дојран трагаа по злато,а открија локалитет за кој се смета дека е еден од главните градови на античките македонци. Таму беа пронајдени вредни артефакти меѓу кои и познатиот антички шлем.

>> НОВА истражува: Како се трага по скриено богатство?

Во 2005-та година во близина на Делчево случајно била откриена голема гробница од каде е извадена раскошна кочија од шестиот или седмиот век п.е. со многу значајни предмети на неа. Се проценува дека само еден таков мал украс чини од 200 до 300 000 евра. Познавачите велат дека во близина на Делчево има шест такви гробници.

Не се знае ниту како завршила потрагата по турското злато на Иса-Беговиот мост на Црна Река каде што во 2006-та било копано од страна на висок фукционер на МВР кој за таа цел користел дури и хелихоптер на МВР, а за што не е поднесена ниту кривична пријава вели Насторовски. Тој вели дека не постои политичар, дипломат или бизнисмен кој дел од својата заработка не ја потрошил на вакви предмети.

Според официјалните податоци во Македонија има околу 5200 археолошки локалитети.
Најголем грабеж на културното наследство и икони е извршен во периодот од 1963 до 1969 година, а кон крајот на седумдесеттите години бил извршен голем грабеж на икони во Охрид.

Под притисок на тогашните медиуми се формирало тело кое ќе се занимава со оваа проблематика и тогаш започнала акција на МВР, наречена Зограф. Во 1997 година по потрага на криминал со сребрени монети започнала акцијата Сфинга која треа до денес.