Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Комисиите-пристап за надминување на историографско политички конфликт

0
By Нова ТВ on December 6, 2018 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Thursday, December 6, 2018 14:27

м-р Петар Тодоров и доц. д-р Дарко Стојанов

Постојат неколку начини како да се надминат овие анахрони и очигледно штетни историски наративи во политиката, медиумите и образованието. Еден од нив, со долга историја во 20-от век, е токму формирањето на билатерални комисии за историски и образовни прашања. Меѓутоа, треба да се нагласи дека едно е политичката волја и иницијативност кои треба да ги подобрат политичките односи и да отворат пат за зближување и соработка, а друго е работата и посветеноста на интелектуалците за намалување на злоупотребата на минатото, за отворање тешки теми, и за развивање на педагогијата и културата на мирот во регионот. Немање посветеност во која било група може да води до неуспех во процесот на надминување на конфликтите.

Кога станува збор за дебатите за минатото, формираните билатерални комисии имаат за цел да го следат искуството на другите европски земји во надминување на ваквите симболички конфликти, како што се германско-францускиот, германско-полскиот, француско-италијанскиот, словенечко-италијанскиот и многу други примери. Освен тоа, вреди да се нагласи и тоа дека Македонија и Бугарија нема првпат да разговараат за минатото. Некогаш тоа се правело од страна на самите политичари и честопати се воделе апсурдни материјални расправи во кои тие меѓусебе си докажувале „чиј бил“ Самуил, „чии биле“ Кирил и Методиј и сл. (за „кафеанските“ и безвредни формулации од типот „чиј бил/чиј е?“ што и денес се среќаваат во политичкиот, интелектуалниот и медиумскиот говор, во некоја друга прилика). За разлика од овие разговори, работата на комисиите и позитивното европско и светско искуство предвидуваат сосема поинаков пристап. Македонија, заедно со Бугарија и Грција за првпат ќе се обидат преку работа на комисии за историски и образовни прашања да ги релаксираат политичките односи со префрлање на дебатите за минатото од политичко на академско ниво и, уште поважно, да се обидат да ги лоцираат точките/толкувањата во учебниците по историја во двете држави кои можат да предизвикаат конфликт, омраза или недоразбирања (на пр. говор на омраза, негување на култура на насилство, анахронистички толкувања, селективни и еднострани пристапи, националистички претензии, стереотипи и предрасуди, и сл.). Освен тоа, комисиите можат (но, не мораат) да работат и на развивање на заеднички или мултиперспективни наративи, со цел да се отвори простор и за други видувања за одредени контроверзни теми.

Тие воопшто не работат на ревидирање на историографијата или пак на давање насоки како историчарите да го толкуваат минатото. Едноставно, тие не се орган за цензура. Комисиите ниту го работеле тоа, ниту пак имаат таков мандат и желба. За среќа, тоа и не е можно во општества кои се декларираат како демократски. Оттаму, и критиките дека комисијата ќе пишува „нова историја“ се засновани на непознавање на богатата меѓународна пракса на комисиска соработка или, пак, на намерно извртување на работите со цел да се разгоруваат емоциите на граѓаните. На пример, за договорот со Бугарија, во некои медиуми (Алфа ТВ, Курир) во Македонија критиките се состоеја главно во тоа дека Македонија „се откажува“ од својата историја, дека други „ќе ни ја пишуваат“ историјата, дека целата историја ќе се менува или дека ќе биде забрането да се пишува за окупацијата на бугарската армија во 1941 година, и слично. Притоа, и историчари, кои во минатото учествувале во бројни регионални и европски проекти за надминување на конфликтите засновани на толкувањето на минатото во учебниците по историја, негодуваа за формирањето на заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања, а чија цел е токму обид за надминување на потенцијалните конфликти. Интересно е и тоа што слични критики се среќаваат и во Бугарија и Грција, каде членовите на комисиите се нападнати дека ќе ја „продадат“ историјата.

Во контекст на работата на комисиите, потребно е да се укаже дека како и сите досегашни комисии, така и оние со Бугарија и со Грција се формираат на паритетна основа и се однесуваат на анализа на учебниците на двете, а не само на едната страна. Едноставно кажано, работата на комисијата претставува дијалог во кој треба да се чујат гледиштата на двете страни, кои взаемно си укажуваат што е тоа што им пречи во учебниците по историја, а евентуалните препораки од комисијата се со единствена цел подобрување на квалитетот на учебниците и регионалното разбирање, а не „бришење“ на националната историја. Толкувањето на историјата, како и пишувањето на учебниците по историја, секогаш ќе останат одговорност на самите истражувачи и автори.

Поаѓајќи од овие пристапи и разбирања, целта на комисиите е всушност подавање рака за надминување на конфликтите кои произлегуваат од различните толкувања на минатото. Историското образование во никој случај не смее да претставува „предвојничка обука“ низ која младите ќе се учат да ги мразат соседите и да веруваат во идеи за големи држави, туку развој на критичкото мислење, кое пак ќе овозможи идните генерации да бидат помалку подложни на политички манипулации засновани на пристрасни или псевдо-научни толкувања на минатото, и тоа во трите засегнати држави. Освен тоа, треба да се спомне дека, комисиите за првпат даваат можност во учебниците во Грција и Бугарија да пишува и за историјата на Македонците, а не како досега тие воопшто да не се споменуваат. Исто така, комисиите даваат можност македонските научници да укажат и да влијаат кај нивните колеги во Бугарија и Грција да се отстранат сите толкувања кои потикнуваат создавање на големи држави на сметка на Република Македонија.

Покрај сите овие меѓународни искуства и пристапи коишто придонеле кон градење на добри односи со поранешните непријатели, мора да имаме предвид дека ние не можеме да ја игнорираме заедничката историја, ниту споделените истории, настани и личности. Во историјата сите процеси, настани и личности не се исклучиви и ексклузивни. Тие не се одвивале на некој остров изолиран од развојот на други процеси и истории. Напротив, процесите и историските развои се инклузивни и настануваат како резултат на преплетувања, вмрежувања, размени и контакти.

Петар Тодоров работи во Институтот за национална историја. Негов истражувачки интерес е социјалната и урбана историја на Османлиската империја и Балканот во 19 и 20 век, како и историското образование и (зло)употребата на историјата во современите општества. Своето образование го завршил во Скопје (Филозофски Факултет) и Париз (Ecole des hautes études en sciences sociales – EHESS) Научен соработник е на Универзитетот Њу Јорк Тирана. До сега бил на подолги студиски претстои на повеќе универзитети во Европа и Турција.

Дарко Стојанов е историчар во Институтот за национална историја во Скопје. Додипломски студии завршил на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а магистерски и докторски студии на Ecole Pratique des Hautes Etudes во Париз. Се занимава со периодот на големите миграции во доцната антика и раниот среден век, како и со анализа на учебници по историја. Остварил бројни истражувачки престои во Париз, Берлин, Виена, Грац, Загреб, Брауншвајг, и други европски академски центри. Ко-уредник е на публикацијата Myths and Mythical Spaces. Conditions and Challenges for History Textbooks in Albania and South-Eastern Europe при Георг Екерт институтот за меѓународно истражување на учебници.

*Текстот е преземен од РесПублика

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
shortcut
ФОКУС
August 16, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

ВЕСТИ August 16, 2026

Ормускиот теснец ќе се отвора и затвора исклучиво под команда на Иран, изјави заменик-шефот на…

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026

Њујорк Тајмс: Европа смислува свој формат за преговори за Украина

August 15, 2026

Поглед од морето кон Омиш во пламен – спасувачите објавиja морничава снимка

August 15, 2026
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.