Комисијата продолжува со работа денеска за да се разговара за отворените прашања, информираше синоќа претседателот на комисијата Борче Давитковски.
– Сега се отворени сите опции, се надевам дека ќе најдеме сили да ја решиме оваа работа. Средба со лидерите на партиите најверојатно ќе нема, ќе се обидеме во полн состав на комисијата да ги решиме спорните прашања, кажа Давитковски.
Како што НОВА веќе објави, останува спорнo и се уште не е утврдена повреда на Уставот при исфрлањето на новинарите од собраниската галерија, за што сеуште нема договор меѓу двете спротивставени страни СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ.
Како значителен пресврт и напредок е прифаќањето на членовите на комисијата од ВМРО – ДПМНЕ дека постои прекршување на Уставот во отстранувањето на пратенците од собраниската сала.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, доцна синоќа ги посети новинарските екипи кои 14 часа пред портите на Клубот на пратениците го чекаат исходот од работата на комисјата, чиј рок за изготвување на извештајот за случувањата на 24 декември, истекува на полноќ.
Како што информираше репотерката на НОВА, Сашка Цветковска, тој не сакал да открие детали за исходот на работата на комисијата, туку со новинарите споделил дека дури сега видел дека македонскиот јазик може да има толку различни нијанси за изразување на исти работи.
На средбата во понеделникот меѓу премиерот Груевски и Заев беше договорено дека доколку не биде постигната согласност до петок ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение.
„Ова е последен обид за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија. За договорените активности во наредниот период јавноста ќе биде навремено информирана“, соопштија од Владата во понеделникот.
После средбата Заев – Груевски дел од медиумите објави дека следни активности во наредниот период се можни предвремени парламентарни избори на есен.