Во рамките на новоотвореното Кино Култура, денес во 21 часот ќе се одржи концерт на групата „Фолтин“, а утре на репертоарот е скопската премиера на претставата „Ајнштајновите соништа“ во режија на Слободан Унковски, по текст на Алан Лајтман, во драматизацијата на Русомир Богдановски, со музика на Златко Ориѓански и костимографија на Розе Трајчевска-Ристовска.
На 25 декември, ќе биде изведена претставата „Солун, град на духови“ во режија на Слободан Унковски, по текст на Русомир Богдановски, а инспириран од истоимената книга на Марк Мазовер.
Центарот за современи изведувачки уметности и современа култура „Кино Култура“ е проект поддржан од општина Центар, а чии основачи се „Театарот на навигаторот Цветко“ и „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, кои во иднина заедно со други партнери и организации имаат за цел да воспостават нова современа организациска структура и урбан простор.
Кино Култура е мултифункционален простор за изведба на различни перформанси, театарски претстави, концерти, современ танц, работилници, како и кинопроекции.
Просторот е обновен по 10-15 години, при што е направена сцена со димензии 10 на 10 метри, а за публиката се обезбедени 180 седишта.
Согласно со современите потреби, сцената е на исто ниво со публиката, а предноста на просторот е во тоа што брзо се менува и е достапен за повеќе активности.