Спорот помеѓу Грција и Македонија може да се реши за три дена доколку постоеше политичка волја за тоа, изјави во Брисел Мариа Елени Копа, европратеничка од Грција од групата на социјалистите. Таа на 9 јули зборуваше на конференцијата на Европскиот политички центар посветена на десетгодишнитата од Солунската конференција.
Зборувајќи за грчкото претседателство со ЕУ во 2014 година и билатералните проблеми кои се пречка за проширувањето, Копа се наврати на грчко-македонскиот спор. „Грција има таков проблем со ПЈРМ. Сега двете страни разбираат дека е дојдено време да се донесат одлуки и дека грчкото претседателство е добра прилика за тоа. Но, за танго се потребни двајца“, рече Копа.
Таа додаде дека тогашниот премиер Папандреу се обидел да го смени форматот и обликот на преговорите и дека има директни средби со македонскиот премиер: „Имаше десетина такви средби но од кои не дојде ништо ново. Во тоа време Груевски не се однесуваше продуктивно во преговорите. Ако има политичка волја тоа прашање може да се реши за три дена“, рече Копа.
Според социјалистичката пратеничка сите планови на грчкото претседателство за посебна агенда за проширувањето со мапа за влез на балканските земји во ЕУ и планови за организирање на Солунска конференција II, помеѓу јануари и јуни 2014 година кога Атина ќе седне во раководната фотелја на ЕУ, се пропаднати. Според висок европски дипломат, една од причините е и тоа што Атина не се надева дека спорот со името ќе биде решен па оттука било какви политички активности за проширувањето ќе бидат апсурдни без решавање на проблемот со Македонија.
Копа вели дека грчкото претседателство нема да донесе ништо ново туку само ќе ги продолжи тековните активности на проширувањето. Грција ќе ги отвори преговорите за поглавијата 23 и 24 со Србија и се надева дека во тоа време Албанија ќе добие кандидатски статус. „Но сето тоа е администрирање на процесот. По Хрватска се следи период на размислување и консолидација за следната декада“, вели Копа.
Копа важеше како еден вид неформален посредник на проблемот со името во време кога премиер беше Јоргос Папандреу. Според информациите Копа се среќавала токму во Брисел со пратеник од доверба на Никола Груевски во обид да се најде решение за името.