Коронавирусот успеа да го промени и законот за градба. Модуларните болници, градби и други објекти сега се составен дел на законот. За изградбата на модуларните болници , дозвола наместо Транспорт и врски ќе издава Министерството за здравство, објаснува заменик министерот Беким Реџепи и додава дека оваа промена е направена за поефикасна градба на истите.
Поради актуелната состојба со Ковид-19 се роди потреба во законот да се додаде и посебен вид модуларни градби за здравствена дејност. Во овие градби опфатени се модуларните болници и други објекти, зависно од потребата на здравството кои ќе бидат поставени во дворовите на здравствените институции.
Исто така новина во овој закон е што дозволата за нивно градење не ја издава Министерството за транспорт, туку Министерството за здравство со посебна процедура.
Заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, вели дека оваа промена е направена со цел зголемување на ефикасноста на здравствениот систем.
„Станува збор за објекти кои се неопходни во здравствениот систем. И Министерството за економија има модуларни градби и издава одобренија, но тоа се други работи. Во овој случај имаше дупка во постоечкиот Закон за градење каде ваков вид градби не се предвидуваа. Беше комплицирано, но сега се разјасни и е предвиден и овој посебен вид“, вели Беким Реџепи – заменик министер за транспорт и врски.
Реџепи додава дека градбите ќе се финансираат од државниот буџет, но и со средства од меѓународните организации.
„Ќе се финансираат од државниот буџет, ЕУ или пак од некоја меѓународна организација, со цел да се даде потребниот придонес во изградба на посебни видови градби наречени „модуларни градби“, додава Реџепи.
Инаку, во Буџетот за 2021 година за ресорот здравство се предвидени 644 милиони евра, кои ќе им помогнат на службите на здравствените домови, за материјалите и медицинските потреби, како и за капиталните инвестиции во здравствениот систем. Поради коронакризата претходно промени претрпе и Законот за заштита на населението од заразни болести.
Наместо 16, до крајот на годината ќе се постават две модуларни болници
Иако во јули министерот Филипче најави дека ќе се направат 16 модуларни болници низ Македонија до сега профункционира само онаа на Инфективната клиника и шаторите во Куманово. Извесно е дека до крајот на годината можат да се постават уште две.
„Јас очекувам дека барем до крајот на годината ќе бидат поставени, гледајќи ја сегашната динамика на одвивање на работите, меѓутоа свесни дека со блокадата со која се соочивме од опозицијата и гледајќи дека можно е согласно таа блокада да не стигнат овие монтажни болници инаку планот како што беше на почетокот така што сега сите тие 16 ковид центри ќе бидат поставени во близина на болниците. Но ние направивме резервен план и токму тој резервен план сега се активира тоа се овие дополнителни капацитети на интерните клиники и целосно дополнителните капацитети во ГОБ „8 септември“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
16- те општини во кои ќе има вакви болници за пациентите на кои им треба болничко лекување веќе имаат добиено допис од Министерството за здравство. Локалните власти треба да изградат нова водоводна и канализациона мрежа, но и да постават подлога и изградат улици по кои ќе се пристапува до нив.