Приштина: Предлогот на мандатарот за формирање на новата косовска влада, Албин Курти, денес не доби поддршка од мнозинството пратеници.
Косовската влада не беше избрана, па сега е на претседателката Вјоса Османи, во консултација со партиите, да назначи нов мандатар кој може да обезбеди мнозинство, а кој ќе има 15 дена да се обиде да го стори тоа.
Доколку тој обид не успее, Косово ќе одржи нови парламентарни избори.
Мандатарот за влада, лидер на Самоопределување, Албин Курти, изјави дека денес, повеќе од шест месеци по свикувањето на конститутивната седница на Собранието, е достигната точката за формирање на владата и предупреди дека, доколку владата не се изгласа, Косово ќе остане без буџет, а со тоа и без државни грантови и развој.
Тој оцени дека одложувањето е без преседан, а како виновник го окарактеризира Уставниот суд.

