Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски, односно Христијан Мицкоски денеска во 15 часот ќе имаат средба во Клубот на пратеници за францускиот предлог за отстранување на бугарското вето и отворање на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија (ЕУ).
„Во рамки на широкиот консултативен процес, кој започна да се реализира веднаш по добивањето на европскиот предлог, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во текот на утрешниот ден ќе одржи средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Оваа средба е дел од низата планирани консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство“, соопшти Владата.
По добивањето на предлогот од француското претседателство, премиерот Ковачевски одржа консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите.