На денешната прес конференција Ковачевски ги коментираше и најновите дојави за поставени бомби, утрово во две средни училишта. Тој истакна дека целиот регион е под хибридни напади и додека во еден дел од Европа се води војна со оружје, во другите делови постои хибридна војна каде преку најразлични методи се создава вознемиреност во државата.
„Сите ние сме свесни за тоа што се случува. Неколку наши институции во претходниот период беа под хакерски напади за што добивме и поддршка од нашите НАТО партнери кои се најспремни во делот на справување со хакерски напади и тимови работеа со нашите тимови. Ова што се случува е исто така дел од таа стратегија за такви хибридни напади. МВР при такви дојави мора да интервенира бидејќи се работи за школи. И не случајно тие таргетираат школи бидејќи најосетливи се луѓето кога се работи за школи бидејќи нашите деца учат во тие школи, и моите деца и вашите деца и на сите други. МВР нормално дека интервенира, секторот за електронски криминал согласно своите надлежности ги испитува сите можни податоци за да се дознае од каде доаѓаат тие напади, практично лажни дојави коишто беа до денес и јас се надевам дека тие што тоа го прават ќе сфатат Европа треба да живее во мир, а не да живее во страв и неизвесност“, рече Ковачевски.