Политичката криза во Шпанија по прогласената независност на Каталонија и вонредните мерки против таа одлука како одговор на Мадрид, од еден обичен фудбалски натпревар направија голем случај.
Реал Мадрид денес со почеток во 16.15 часот и’ гостува на Џирона, новиот прволигаш кој солидно се држи по девет одиграни натпревари во Примера. Но, Џирона е каталонски град и еден од центарот за каталонското движење за независност, а Реал Мадрид симбол на Шпанија, па овој случај предизвикува многу повеќе внимание од вообичаено.
Имено, сега во прв план е приказната за сигурноста на мадридската експедиција во градот оддалечен 86 километри од Барселона, во кој уште од петокот од зградите на јавните институции се симнати шпанските знамиња и затоа повеќе се зборува дали воопшто ќе се одигра натпреварот, отколку за мечот меѓу великанот и аутсајдерот.
Никому не му е пријатно во оваа ситуација. Тренерот на Реал, Зинедин Зидан вчера изјави:
„Немаме добиено никаква информација за евентуално одложување на натпреварот со Џирона, па се подготвуваме сосема нормално, како и за секој друг меч. Ме интересира само натпреварот, иако сум свесен дека околу него е крената толкава бука, но во тоа не сакам да се мешам“, рече Французот.
Без оглед на тоа што од сите (фудбалски) страни се обидуваат да ги смират тензиите што се однесува до натпреварот меѓу Џирона и мадридски Реал, тој сепак може да биде тест за шпанскиот фудбал, а и за спортот воопшто.
Првиот тест не помина добро, со оглед на тоа дека прволигашкиот натпревар помеѓу Барселона и Лас Палмас на 1. октомври на Камп Ноу беше одигран без публика поради големите нереди тој ден на улиците на Барселона кога се одржува референдумот за независност на Каталонија и имаше обид од шпанските власти да го спречат.
Уште тогаш се покажа дека спортот и политиката во каталонскиот случај не можат во целост да се одвојат, ниту ќе биде можно во случајот со денешниот натпревар во Џирона. Сепак, охрабрува тоа што се чини дека двете страни ќе преземат се’ да помине мирно и без инциденти.
Што се однесува до иднината на каталонските клубови и шпанските лиги, тука веќе постои доста неизвесност. Раководството на фудбалскиот клуб Барселона веќе објави дека негова желба е и натаму да игра во шпанското првенство, без оглед на расплетот на политичката криза, а по тоа прашање се огласи и претседателот на Каталонскиот фудбалски сојуз, Андреу Субиес.
„Фудбалскиот свет нема да се промени поради ова што се случува. Мислам дека сите натпревари ќе бидат одиграни до крај“, рече Субиес.