Швајцарските експерти досега идентификуваа 24 од 40-те загинати во катастрофалниот пожар во барот во швајцарскиот алпски центар Кран-Монтана, кој се случи на Нова година. Меѓу идентификуваните жртви е и најмладата – 14-годишно девојче, соопшти денеска полицијата, според Би-би-си.
Многу од жртвите се малолетници, меѓу кои Швајцарци и Италијанци, како и еден италијанско-емиратски државјанин. Меѓу досега идентификуваните се и 18-годишен Романец, 18-годишен Турчин и Французин на возраст од 39 години.
Меѓу 119-те повредени има повеќе од 70 Швајцарци, како и Французи, Италијанци, Срби и мал број припадници на други националности, пренесе ДПА.
Според досегашната истрага, новогодишниот пожар во барот во швајцарскиот скијачки центар бил предизвикан од прскалки кои ја запалиле пената на таванот. Огнот се проширил со огромна брзина.
Инспекторите испитуваат дали биле почитувани прописите за заштита од пожари. Двајцата француски менаџери на барот се под истрага поради сомневање за убиство од небрежност и други прекршоци.




