Парламентот на Крим денеска го прогласи регионот за независна држава, откако над 95 отсто од жителите на вчерашниот референдум гласаа за отцепување на Крим од Украина за да се придружат кон Русија.
Со резолуцијата се наведува дека сите државни поседништва на Украина на територијата на Полуостровот на Црното море, ќе бидат национализирани и ќе бидат во сопственост на Кримската република.
Референдумот од недела не е признат од страна на Западот, а САД и Европската унија најавија санкции против Русија, чии трупи го заземаа Крим и го контролираа недеколку недели.
Кримските законодавци ги повикаа Обединетите нации и другите земји за признавање на референдумот.
Денеска е предвидено делегација на Крим да отпатува за Москва на преговори за тоа како ќе се продолжи понатаму. Руските законодавци пак, напоменаа дека официјално припојување е само парашање на време.
Привремениот претседател на Украина, Олександр Турчинов денеска во парламентот изјави дека референдумот за припојување на Крим со Русија е „голема лага“.
Во Крим денеска беше воспоставена руската рубла како втора официјална валута, додека до 1.јануари 2016 година, украинската гривна и натаму ќе остане во употреба.
Одзивот на гласачите на вчерашниот референдум беше 83 отсто од гласачите.