Полицијата поднесе кривична пријава против Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес кој се појави како организатор на протестите во неделата.
Надлежните велат дека на собирот не биле почитувани мерките за заштита од коронавирусот.
„СВР-Скопје до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава по чл. 206 од КЗ против Т.П. (61) од Гевгелија, бидејќи на 25 април организирал протест пред објектите на Влада и Собрание на РСМ и не се почитувани мерките за заштита на населението од заразни болести“, се вели во соопштението.
Протестот кој се одржа во неделата започна 11 часот со собир пред Владата, а потоа толпата се упати кон Собранието. На протестот се бараше ослободување на „уставобранителите“ кои издржуваат казна затвор за насилните настани од 27 април 2017 година. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека не е во директна организација на протестот, но сепак даде поддршка.