На годинешново доделување на Оскарите два филма привлекоа посебно внимание на светската публика. Паразит и Џокер. Нема сомнеж за естетските вредности на двата филма кои им ја обезбедија светската популарност, но, исто така, треба да се каже дека двата филма одговорија на сензибилитетот на светската јавност говорејќи за растечкиот социјален јаз, кој во случајот на Џокер завршува со драматична ескалација на масовни протести на кој експлодира омраза во нејзината најдеструктивна форма усмерена кон естаблишментот.

Џокер кој е олицетворение на губитник поразен од различните девијации на системот се претвора во монструозен патолошки облик на лидер на топлата која не бара ништо , не нуди ништо, нема никаква идеја туку е на улиците во екстаза на деструктивноста. Џокер во таа социо- политичка смисла е прототип на популистички лидер кој е случајно кренат од бранот на незадоволството на една се побројна категорија на граѓани  чиј животен стандард е во опаѓање додека она што некогаш се нарекуваше елита има се помалку одговори кои му се неопходни на граѓанството во врска со неговите перспективи.

Џокер како лик, но и трагедијата која се случува во расплетот на „Паразит” се гласен аларм за потребата од нов концепт на мислење и владеење кој ќе почне барем за почеток да ги спречува опасните тенденции на проширувањето на јазовите меѓу различните социјални слоеви во општеството.

Овие филмови можат да послужат и како добра матрица за толкување на актуелниот тренд на наплив и ширење на авторитарните и илиберални политички опции кои веќе ги запоседнаа институциите во Унгарија и Полска, со закана да ги елиминираат сите придобивки на либерализмот кој на пост-воена Западна Европа и донесе траен мир и благосостојба при тоа нудејќи како алтернатива опасни форми на национализам и нетолеранција или вредносни матрици кои се антиподови на западните либерални вредности кон кои се стремат нашите општества. Растечкиот популизам и заморениот либерализам влегуваат во антагонизми кои се сериозна закана  за социјалниот економски и политички мир каков што го познававме досега на континентот.

Идеалите и ентузијазмот кој ја зафатија пост-комунистичка Европа по рушењето на Берлинскиот ѕид пропаѓаат во различни форми на очај и разочараност зафаќајќи се поголем дел од различните социјални слоеви кои во таква состојба стануваат лесен плен на популизмот и неговите манипулативни инструменти на пропаганда.  Со овој феномен на растурање на либералниот концепт и цунамито на популизмот се занимава новинарот Џон Фефер во своите две книги „Шок” и „Aфтершок”. Првата е пишувана во раните 90- кога Фефер како 26 годишен Американец шета по Источна Европа за да ја анализира бурната трасформација на тие посткомунистички општества. Се среќава со најразлични луѓе запишувајќи ги нивните очекувања од новото време. Втората книга е запис на сведоштва од истите тие луѓе со кои се среќавал во 1991 и 1992 година но сега 25 години постари.

„Откако падна комунизмот, ветувањата на западниот либерализам за трансформација на централна и источна Европа никогаш не беа целосно реализирани – и сега ја гледаме реакцијата” пишува Фефер во неговиот „Афтершок” констатирајќи дека „за генерацијата на Втората светска војна комунизмот беше Бог кој не успеа додека за сегашните генерации во Источна Европа либерализмот е тој Бог кој потфрли”

Прашањето на кое треба да се бара одговорот за да евентуално се дојде и до решението е каде, како и зошто потфрли либерализмот бидејќи после се би било сосема несериозно да се остане вкопан во ровот од кој слепо се пука на авторитарните и илиберални тенденции кои растат од ден на ден пред нашите очи.

Како што пишува Фефер граѓаните на посткомунистичка Европа по падот на Берлинскиот ѕид очекуваа дека во рок од неколку години ќе почнат да живеат како граѓаните на Виена или Лондон за да брзо потоа да сфатат што забележа унгарскиот социолог Елемер Ханкис: „дека во наредните години, ќе се одлучи кој ќе биде богат, а кој ќе биде сиромашен; кој би имал моќ, а кој не; кој би бил маргинализиран и кој би бил во центарот”.

Капиталистичката иднина пристигна, но нејзините придобивки беа нерамномерно, дури и грубо распределени. Во транзицисокот лудило кое го одбележа алчноста се отвори огромен социјален јаз во кој потона средната класа која би требало да биде еден од основните столбови на либерализмот. Посткомунистичката верзија на либерализмот донесе  зголемувањето на социјалната нееднаквост, сеопфатната корупција и морално произволното прераспределување на јавната сопственост во рацете на мал број луѓе. Во книгата на Фефер очи пара изјавата на антропологот, Рајна Гаврилова, која себе си се декларира како либерал и од таа позиција вели „либералите никогаш не се грижеле за она што луѓето го чувствуваа, за нашите пораки, за нашите избори. Затоа насекаде изгубивме огромни гласачки тела. Ако не сториме нешто сериозно за да ги вклучиме умот и емоциите на луѓето, ќе се претвориме, не знам ни самата, најверојатно во Кина” вели Гаврилова обидувајќи се да го запали сигналот за аларм во редовите на се покоформистичката интелектуална елита која беше главен двигател и промотор на либералните вредности.

Како изгледа тоа на теренот?

Прошетајте низ Скопје и Софија а потоа свратете во Перник или Кичево. Разликите се фрапантни но на нив никој со години не реагира. Слично е и насекаде во Источна Европа. Во главните градови почнаа да светат неонските светла на западните брендови во кои може да уживаат се помал но многу богат круг на граѓани додека  помалите места и руралните средини останаа заглавени во минатото. Истокот од континетот по сите болни реформи и неправди кои ги донесе транзицијата се уште каска далеку зад западна Европа. Во 1991 година, според бројките на Светската банка, БДП по глава на жител на Унгарија беше 3.333 американски долари, додека Австрија беше 22.356,29 американски долари. До 2015 година, нивото на Унгарија се искачи на 25.581 $, но сега Австрија е на 47.824 американски долари. Трката станува исцрпувачка а заморот граѓанството го одвраќа од вербата во либералните вредности кои во почетокот на 90 – ветуваа дека ќе го донесат западниот квалитет на живот, дома.

Либералните елити заборавија на потребата од инсистирање на развој на социјалните механизми кои евентуално би ги ублажиле актуелните социјални разлики и често неуспешно ги имитираа западните модели пропуштајќи ја можноста за создавање на концепти прилагодени на реалната состојба на теренот.

„Потеклото на популизмот е несомнено сложено. Но, тoa делумно лежи во понижувањата поврзани со тешката борба да се направи, во најдобар случај, инфериорна копија на супериорен модел каков што е западниот” пишуваат Иван Крастев и Стефан Холмс во нивниот есеј со наслов „Како либерализмот стана Бог кој не успеа во Источна Европа”

Мене како автор на овој текст на пример ме фасцинираше динамиката на развој на правата на ЛГБТ заедницата што е секако една од целите на либералната мисија но исто така ме разочара недостатокот на таа активистичка динамика кога станува збор за работничките права кои беа изгазени под нозете на капиталистичката алчност. Не помалку е виновна и самата ЕУ која беше главен двигател на либерализмот. Голем дел од нејзините ветувања потфрлија или никогаш не се ни остварија. Последниот пример со Македонија кога не и беше одобрен старт на преговори по испорачаните тешки политички одлуки разочарувањето во либералната мантра кулминираше оставајќи огромен простор за деструктивните тенденции. Источна Европа не го доби очекуваниот Маршалов план кој беше пример за брз развој во случајот на поствоена Германија. Во 90- кога се појави Горбачов западот процени дека опасноста на СССР е во заминување и едноставно многу покомотно или посебично ја набљудуваше транзицијата во посткомунистичка Европа.

Кулминација на таа криза стаса во 2008 година кога експлодираше глобалниот финансиски систем кој на виделина го извади целиот валкан веш на современиот капитализам спакуван во либералните наративи. Дополнително тогаш јавноста се соочи и со најголемото разочарување сфаќајќи. Довербата дека политичката економија на западот е модел за иднината на човештвото, и  дека западните елити знаат што права одеднаш потона бидејќи стана очигледно дека тој концепт и таа елита не знаат каде тераат. Тоа беше фатален удар за либерализмот по кој тој не успева да се соземе. Во меѓувреме популистичките и авторитарни тенденции го искористија девастираниот либерален наратив за да ги запоседнат Будимпешта и Варшава со јасни намери да го прошират тој нивни антилиберален модел во другите постокунистички држави помагајќи им на политичари од профилот на Груевски и Јанша како и на се поактивните авторитарни групации во Централна Европа при што не ја кријат намерата и за тесна соработка со наофашистичките тендеции во Франција и Италија на пример.

Демографски колапс

Либерализмот во голема мера е ослабен и поради драматичниот одлив на млади и образовани кадри во земјите од западна Европа. Заморени од бескрајната транзиција секој кој имаше можност да живее во систем каков што неговите држави се обидуваат да копираат се реши да го избере оргиналот. Од 1989 до 2017 Бугарија загуби 21% од својата популација од кои огромно мнозинство помлади од 40 години или во години кога би требало да бидат столбот на развојот на општеството. Токму овие луѓе требаше да бидат главната потпора на либералниот концепт на градење на општеството. Во нив се и јадрата на најсилниот отпор на нелибералните и конзертавтивни тенденции.

Токму тој дел од популацијата на пример во Словачка успеа да го одврати првиот налет на авторитарноста кога Мечијар во 1999 се обиде да инсталира неокомунистички форми на владеење. Во случајот на Македонија јадрото на отпорот спрема режимот на Груевски  беше во една голема група на млади луѓе кои сега масовно ја напуштаат државата што води до опасен заклучок  дека македонското општество тешко ќе најде сили за да одврати уште еден таков силен налет на авторитарна власт каков што реално се заканува на овие избори.

Причините за кризата на либерализмот се комплексни и тешко е да се најде одговор за корозивните процеси кои ја зафатија досега најуспешната идеологија во развојот на цивилизацијата. Либерализмот е во залез без најави дека има некој на клупата за резервни играчи. На теренот кој се празни од либерализмот единствени кои спремаат да влезат се разулаваните навивачики групи од трибините. Кога ќе слезат на теренот правилата на играта кои ги познаваме исчезнуваат и настапува хаос кој не се знае кога и какви нови правила на играта  ќе бидат воспоставени.

Време е за многу повеќе од критика на авторитарните тенденции. Време за внимателно проучување на сите грешки и пропусти кои ги доведоа либералните вредности клекнати на колена. Времето е кратко.