Во куќата на булеварот Кнез Александар Караѓорѓевиќ на Дедиње во Белград времето застанало пред три години, на денот кога умре последната станарка Јованка Броз, пишува српски „Блиц“.
Три години овој објект е под клуч, а по тоа како изгледа, може да се заклучи дека за оваа куќа никој не се грижи. Во неа и натаму се наоѓаат лични работи и гардероба на сопругата на последниот претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито.
Оставинската постапка после смртта на Јованка Броз се уште трае, па нејзините лични работи не може да ги преземат нејзините сестри Нада и Зора.
Куќата одамна беше во лоша состојба. Покривот прокиснуваше, греењето не работеше, а Јованка долго се грееше со греалици.
Екипата на „Блиц“ открива дека сепак некој доаѓа од време на време во вилата. Но, не успеале да откријат за кого станува збор. Одговорите на тоа прашање на успеале да го добијат ни од Управата за заеднички работи на Србија.
Едно е сигурно, пишува „Блиц“, целиот труд и пари вложени во реновирање на куќата пред десет години би можеле да пропаднат ако во иднина нешто не се смени. Ќе пропаднат и личните работи на Јованка Броз, па на крајот може да се случи нејзините роднини да останат без било каков спомен од неа.