Фамозната зделка помеѓу санитарната депонија „Дрисла“ и италијанскиот конзорциум „ФЦЛ Амбиенте“, вредна 74 милиони евра, падна на Управен Суд, објави денеска Софија Куновска, координатор на советничката група на СДСМ во Град Скопје.
СДСМ од почетокот предупредуваше дека ова партнерство е спорно. По тужбата поднесена од страна на второрангираниот понудувач – германскиот конзорциум „Шолц“, минатиот месец Управниот суд ја прогласи за неважечка продажбата на депонијата. Тоа ги отвара следните прашања:
1. Дали градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ќе ја понесе финансиската и политичка одговорност за ваквата сомнителна зделка?
2. Дали Управниот Суд ќе донесеше иста одлука, ако постапка покренеше домашна, а не германска фирма?
3. За каква правна држава зборуваме, ако гарант за правдата не е правната држава, туку германската амбасада?
„Овој случај ги потврдува сомнежите дека кога станува збор за тендери, власта не ги бира фирмите кои се најповолни за остварување на интересите на граѓаните, туку оние фирми кои се погодни за остварување на бизнис интересите на владејачката партија.
– Го повикуваме премиерот Груевски итно да се откаже од скапите реклами со кои повикува странски инвеститори, бидејќи и најскапата реклама не може да ја покрие антирекламата направена со ваквите сомнителни зделки“, рече Куновска.
Аферата „Дрисла“ ја обелодени НОВА пред неколку недели. Документите до кои дојде медиумот покажуваа дека италијанската фирма добитник на тендерот за концесија на депонијата „Дрисла“ била формирана само три дена пред одлуката за добитник на тендерот. Повеќе детали за аферата која премина во меѓународен скандал прочитајте во истражувањето на НОВА.
>>Афера: Кој е новиот инвеститор во „Дрисла“
>>Град Скопје: Документите за концесионерот на Дрисла се тајна