Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Лавиринт за човештината

0
By Zoran Ivanov on March 3, 2026 ИЗБОР
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Tuesday, March 3, 2026 07:14

И додека Хантингтон не потсетуваше на неизбежноста на цивилизациските судири, Фукујама нуди надеж во либералната демократска еволуција. Но реалноста во Балканот ја потврдува тесната линија по која се движи малата држава во глобалната шаховска табла. Северна Македонија, како малиот играч во големата игра, е пример за тоа како ентропијата на човештината, љубовта кон човештвото и институционалната посветеност се жртви на геополитичката рационалност и партискиот интерес.

Жанета Ќосе

Во ерата на новата прераспределба на моќта, светот се соочува со феномен што би можел да се опише како лавиринт на човештината – колапс на моралните и социјалните стандарди кои некогаш ја дефинираа цивилизацијата. Војните од 21 век повеќе не се само судири на територии, тие се арена каде што човечки судбини стануваат колатерала, а љубовта кон ближниот и солидарноста се губат под товарот на геополитичките интереси на големите сили. Технологијата, која во својата суштина можеше да ги зближи луѓето, станува инструмент на алиенација, филтрирајќи ги човечките искуства преку алгоритми, платформи и информациски балони што го калкулираат вниманието и ја еродираат емпатијата.

Во таков контекст, мислата на Семјуел Хантингтон за „судирот на цивилизациите“ не само што ја објаснува конфронтацијата меѓу глобалните култури, туку и предупредува за ризикот од цивилизациска деморализација во рамките на државите. Хантингтон ни ги покажа опасностите од создавање енклави на културна дистанца, кои ја трансформираат внатрешната политика во место на постојани судири и неподносливи компромиси, при што националниот идентитет се судира со глобалните притисоци.

Френсис Фукујама, од друга страна, со својата парадигма за „крајот на историјата“ и либералната демократија како финална точка на политичката еволуција, нуди контрапункт на овој песимизам. Но реалноста денес е далеку од универзалната стабилност што ја предвиде, светот не се движи кон „крај на историјата“, туку кон хаотична реорганизација на сферите на влијание, каде што традиционалните алијанси се еродираат, а мали и средни држави се принудени да играат ризични геополитички игри. Во овој контекст, Балканот, со сите негови историски и културни тензии, повторно станува тест зона за големите сили, а малите држави се фрлени во лавиринт на интереси кои не можат целосно да ги контролираат.

Северна Македонија денес е пример за сложен геополитички плејграунд, каде што локалната и регионалната политика се прелеваат во глобалните конфликти. Премиерот Христијан Мицкоски, во комбинација со српскиот претседател Александар Вучиќ и центарот на овие десничарски алки во Будимпешта, унгарскиот премиер Виктор Орбан, ја поставуваат земјата во средиштето на мрежа на влијанија што форматираат ретрограден, наместо реформски процес.

Тие, како што покажуваат анализите на Фукујама, го користат „заморот од реформи“ како политичка стратегија – наративот за бавниот напредок и наводната незаинтересираност на ЕУ им овозможува да ја оправдаат сопствената пасивност и да ја префрлат одговорноста за реформите врз надворешни сили. Во услови на растечка поларизација, Северна Македонија, заедно со дел од земјите од Западен Балкан, се соочува со од нив наметнатата лажна дилема, дали да се продолжи со интегративната политика кон ЕУ, ризикувајќи да бидат колатерала на глобалните конфликти, или да се отворат кон алтернативни партнери, што пак неизбежно би ги еродирало демократските стандарди. Позицијата на Мицкоски и Вучиќ, поддржана од Орбан, покажува дека дезинформациите и националистичките реторики се користат како алатка за мобилизација, како и за маневрирање во рамките на комплексната мрежа на западни и источни интереси. Така реформите стануваат предмет на политички калкулации, а не на суштинско градење на институции и стабилност.

Во овој контекст, тешко е да се избегне впечатокот дека човечките судбини се третираат како „човечка колатерала“, индивидуалните животи стануваат статистика во плановите на големите сили. Политичката моќ, економските интереси и стратегиските позиции на земјите од Балканот се калкулираат без оглед на тоа како тие одлуки влијаат врз граѓаните. Северна Македонија, како мала држава со ограничени ресурси, е особено ранлива, нејзината интеграција во ЕУ и одржувањето на демократските стандарди зависи не само од внатрешната политичка волја, туку и од стратегиската позиција на регионалните лидери кои често ја користат земјата како поле за баланс на влијанијата.

Дезинформациите, кои се пласираат преку дел од медиумите, разните платформи и партиски канали на власта, дополнително ја заматуваат реалноста, создавајќи перцепција дека реформите не се резултат на надворешни притисоци, туку на суштински домашни напори. И тоа лажна перцепција дека балканските држави подолго време се соочуваат со „замор од реформи“, делумно поради бавноста на процесот, а делумно поради внатрешни политички пресметки.

Поддршката за интеграцијата во ЕУ во регионот е стабилна, но придружена е со растечка фрустрација поради бавниот напредок и перцепцијата дека ЕУ не е доволно посветена на регионот. Ваквата перцепција би можела дополнително да се влоши ако балканските држави проценат дека Брисел е преокупиран со други кризи. Извештаите на стратешки институти истакнуваат дека балканските лидери честопати го користат процесот на проширување како политичка алатка за да извлечат одредени отстапки или да ја префрлат одговорноста за сопствените неуспеси врз ЕУ.

Ако ЕУ дејствува незаинтересирано, таквиот наратив станува уште поубедлив. Евроскептицизмот во регионот е веќе присутен, особено во Србија, каде што поддршката за членство се намали на 34 проценти во 2024 година, според Балканскиот барометар. Аналитичари нагласуваат дека долготрајната неизвесност и бавноста на процесот создаваат чувство на предавство и неправда, што отвора простор за наративи за алтернативни партнерства, вклучувајќи ги Русија и Кина.

Споменатата спрега на политичарите во регионот со години ја користат ЕУ како погоден виновник за домашните проблеми, а владите во регионот честопати го инструментализираат процесот на проширување за да го прикријат недостатокот на реформи, тврдејќи дека стагнацијата е резултат на „неправедни“ барања од ЕУ или на недоволната поддршка. Во таков контекст, секое одвлекување на вниманието на ЕУ, макар тоа да е и привремено, станува идеален изговор. Ако Брисел е фокусиран на Гренланд, трговските војни со САД или на домашните реформи, балканските владејачки елити ќе го искористат тоа за да ја оправдаат сопствената пасивност. Ова веќе е видено во случаи кога билатералните спорови меѓу членките на ЕУ го имаа блокирано напредокот на поединечни кандидати, што локалните политичари веднаш го претворија во аргумент против реформите. Но, иако постојат голем број предизвици, ЕУ продолжува да испраќа сигнали дека проширувањето останува стратешки приоритет и нагласува дека забрзувањето на процесот е можно со кредибилни реформи на партнерите.

Сепак, реалноста е таква дека секој нов геополитички притисок, вклучително и спорот со Гренланд, а сега и со најновиоот со Иран и судирите на Блискиот исток, ќе го отежни одржувањето на тој фокус. ЕУ веќе се соочува со внатрешни поделби, економски предизвици и растечки притисоци врз нејзиното единство. Во едно такво опкружување, затегнатите односи меѓу ЕУ и САД не се само билатерални прашања, тие имаат потенцијал да ги преобликуваат приоритетите на европската политика. Доколку Брисел е принуден да се занимава со кризи што бараат итен и координиран одговор, проширувањето веројатно ќе биде тргнато во втор план. Ова би можело да ги забави реформските процеси во балканските држави, да го зголеми евроскептицизмот и да им обезбеди на десничарските политички елити дополнителен простор за манипулирање со наративот за „незаинтересираност кај Брисел“.

Теоријата на заговор за „Новиот светски поредок“ е пример за тоа како се формираат и се шират дезинформации меѓу хомогените онлајн политички субкултури. Иако терминот се користи во тековните мејнстрим дебати за да се однесува на силите што се движат од Западот, либертаријанските групи за застапување во Соединетите Држави го користат во поинаква смисла од педесеттите години на минатиот век. Во тоа време, терминот се користел за да се однесува на група меѓународни организации (Трилатералната комисија, Советот за надворешни работи и Обединетите нации, меѓу другите) и светски елити кои заговараат да го поткопаат суверенитетот и слободите на слободните нации.

Додека денес следбениците на заговорот го опишуваат „Новиот светски поредок“ како организација за „тоталитарни“ политики од задна врата, тој првично се сметал за тоталитарна социјалистичка институција, со оглед на тоа што социјализмот бил широко сметан за оригинално олицетворение на тоталитарните колективистички влади и глобалистичките политики. Денес, заговорот продолжува да го носи овој партиски призвук и широко се користи од корисниците на маргинални форуми за пораки и мејнстрим платформи како YouTube, Facebook и Twitter како производ на тековната борба помеѓу „националистите наспроти глобалистите“.

И додека Хантингтон не потсетуваше на неизбежноста на цивилизациските судири, Фукујама нуди надеж во либералната демократска еволуција. Но реалноста во Балканот ја потврдува тесната линија по која се движи малата држава во глобалната шаховска табла. Северна Македонија, како малиот играч во големата игра, е пример за тоа како ентропијата на човештината, љубовта кон човештвото и институционалната посветеност се жртви на геополитичката рационалност и партискиот интерес.

Само со јасна стратегија, институционална волја и демократски консензус може да се надминат локалните и регионалните влијанија, овозможувајќи и на земјата и на Балканот да продолжат на патот на интеграцијата и стабилноста, без да бидат жртви на глобалната игра на силите, во лавиринтот на човештината која ентропира.

Жанета Ќосе колумна
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Падна Владата во Република Српска

March 16, 2026

Пленковиќ за новото оружје на српската армија: Нешто вакво никогаш не е видено во Европа

March 13, 2026

5.1 по Рихтер ја потресе централна Грција

March 12, 2026

Хорор во Швајцарија, шестмина мртви – во автобус човек се полил со бензин и се самозапалил

March 11, 2026

Земјотрес во Италија почувствуван во неколку европски земји

March 10, 2026
ФОКУС
March 16, 2026Updated:March 16, 2026

Нов брз удар по џебот на граѓаните – горивата пак поскапеа

ВЕСТИ March 16, 2026

Значително поскапување на горивата стапува на сила од ноќеска на полноќ, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе…

Молитва за упокоените, гласна тишина и шеесет и три столчиња во Паркот на револуцијата во Кочани

March 16, 2026

Една година од несреќата во Кочани: „2 часот и 32 минути. Во ‘Пулс’. Во тој миг 63 млади срца престанаа да чукаат меѓу нас“

March 16, 2026

Генералниот секретар на ИТУЦ до Мицкоски: Загрижени сме за притисоците врз синдикатите

March 15, 2026
ТИКЕР

Падна Владата во Република Српска

March 16, 2026

Пленковиќ за новото оружје на српската армија: Нешто вакво никогаш не е видено во Европа

March 13, 2026

5.1 по Рихтер ја потресе централна Грција

March 12, 2026

Хорор во Швајцарија, шестмина мртви – во автобус човек се полил со бензин и се самозапалил

March 11, 2026

Земјотрес во Италија почувствуван во неколку европски земји

March 10, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.