Министерот за надворешни работи на Русија вели неговата земја не ги контролира борците кои ја презедоа власта во регионот на Крим.
– Вооружените трупи во Крим не примаат наредби од Москва, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по средбата со шпанскиот колега Хозе Мануел Гарсија- Маргајо во Мадрид.
„Доколку станува збор за единици за самоодбрана формирани од жителите на Крим, ние немаме контрола врз нив“, рече Лавров, кој попладнево во Париз ќе оствари средба со американскиот државен секретар Џон Кери. Според него, Москва нема да дозволи крвопролевање во Украина.
„Нема да дозволиме крвопролевање. Нема да дозволиме напади врз животите на оние кои живеат во Украина и на руските граѓани кои живеат во Украина“, рече рускиот шеф на дипломатијата.
Според украинското Министерство за одбрана пак, руските трупи на Крим денеска продолжиле со агресивните акции. Руските сили ја преземале командата врз два украински баталјона за противракетна одбрана.
Се работи за две бази во кои се стационаирани украински војници.
Од друга страна, во Доњецк, кој се смета за упориште на проруските сили во земјата, полицијата денеска ја вратила контролата врз административната зграда која беше окупирана од проруските демонстранти пред пет дена. На кровот на зградата повторно е поставено украинското знаме, но и натаму се вее и руското кое го поставија демонстрантите.
Во вторникот се одржаа паралелни протести на проукраински и проруски демонстранти. За денеска се најавени нови, помасовни.