Новиот државен јавен обвинител Ненад Севески денес на брифинг со новинарите најави дека ќе ги повлече сите овластувања на обвинителите кои водат предмети што не се од нивните матични обвинителства.
Ова значи дека ќе и бидат одземени предметите на обвинителката Ленче Ристоска за случаите „Талир 1“ и „Талир 2“, или практично предмети од кои е засегната власта бидејќи се однесуваат на перење пари и на незаконското финансирање на луксузната Бела палата од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако држаавниот обвинител не ја поврза одлуката со нив, тој не негираше дека индиректно тие случаи ќе бидат прераспределени, односно дека нема да и ги врати на Ристоска, преставувајќи ја одлуката како техничка, а не политичка.
-Немам одлука за иземање на Ристоска од предметите. Ќе ги повлечам сите овластувања за сите предмети, освен тие за Кочани, Ресен и Крива Паланка, најави Савески.
Иако еден од предметите, поточно за ,,Талир 2″, е под скопското обвинителство, сепак Ристоска, како обвинител за врски, не смее да го застапува без одлука на државен обвинител.
Овој предмет пак застарува во август, а се уште не е донесена првостепена одлука. Денешното рочиште се одложи бидејќи не можеле да му ја утврдат адресата на живеење на сведокот Кирил Божиновски.
Пред три години сликата беше сосема поинаква, бидејќи тогаш државата беше на чекор сиот партиски имот да го префрли на своја тапија, бидејќи имаше првостепена осудителна пресуда. Тогаш Кривичниот суд одмери шест години затвор за екс премиерот Груевски и условна казна за Божиновски. Беше наложена и конфискација на партискиот имот, но становите и нивите никогаш не се префрлија на име на државата, бидејќи пресудата падна на Апелација поради скандалозните измени на Кривичниот законик.
По направената преквалификација на обвинението, судењето почна од почеток. Во меѓувреме од прогон се спаси Божиновски, за кого делото застаре, а кривичниот прогон за Груевски и партијата продолжи.




