Либискиот премиер Али Зеидан изутрината бил киднапиран од неговиот хотел во Триполи од вооржени луѓе. Некои ова го поврзуваат со саботната антитерористичка акција на американските командоси во Триполи, јавува Радио Слободна Европа.
„Претседателот на транзиционата влада Али Зеидан од засега непозната група бил однесен на непозната дестинација“ се наведува во кусото соопштение на либиската влада во која исто така се додава дека не се познати ни причините за неговото киднапирање.
Агенциите јавуваат дека тоа се случило во хотелот „Коринтија“ каде што премиерот живее во Триполи.
На интернет се појавија фотографии на кои се гледа дека Зеидан без очила и со раскопчана кошула во придружба на вооружени лица го напушта хотелот.
Владата се сомнева оти зад денешното киднапирање стојат две поранешни бунтовнички групи: Советот на револуционери и Бригадата за борба против криминалот кои во принцип се во рамките на министерствата за одбрана и за внатрешни работи.
До ова дојде само пет дена откако американски командоси го упасија Абу Анас ал Либи еден од главните лидери на Ал Каеда, кој е обвинет за бомбашките напади врз американските амбасади во источна Африка во 1998 година.