Лидерите на групата седум развиени држави не успеаа да ги надминат несогласувањата за климатските промени со претседателот на САД, Доналд Трамп. Тие побараа борба против протекционизмот во трговијата, но САД се во фаза на преразгледување на нивните политики, се вели во соопштението од самитот.
Во соопштение испратено денеска по завршувањето на дводневниот самит кој се одржа во Сицилија, се наведува дека лидерите на Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија ја потврдиле силната посветеност на спроведување на договорот за климатските промени од 2015 година од Париз. САД се во процес на “преразгледување на нивните политики за климатските промени и за Договорот од Париз” се наведува во соопштението. На својот профил на социјалната мрежа Твитер Трамп објави дека ќе ја донесе својата конечна одлука за договорот идната недела.
На самитот беше потврдена посветеноста на групата на отворени пазари и борба против протекционизмот. Лидерите од Г7 изразија подготвеност за нови санкции за Русија ако продолжи да не ги почитува своите обврски во Украина.

