Скопје е под фудбалска магија. Кафеаните низ Дебар маало и попладнево се, непишано, задолжителна претстаница за загревање до „Телеком арена“ како главно одредиште вечерва во македонската престолнина. Микс на младост и искуство се жари по маси пред историскиот настап на Вардар против Зенит во групната фаза во Лига Европа на УЕФА. Количината на консумирани малигани не прави помрачување во мозочните ќелии кај страствените вљубеници во фудбалската игра. Желбата кај сите е иста – добра игра и победа на „црвено-црните“.
Чедомир Јаневски наспроти Роберто Манчини. Поранешниот селектор на Македонија со респект кон својот италијански колега и тимот што го предводи како парцијално така и колективно. Кон победникот во натпреварувањето од сезоната 2007/08 е испорачан респект, но и саодоверба дека вардарци може да одиграат на нивото, пред се, од Фенербахче. Не може да смета на недоволно залечениот Евгениј Новак во дефанзивната линија, па местото на Украинецот крај Грнчаров го резервира за Дарко Велкоски. Сите останати ги има на располагање и од нив се очекува максимална посветеност во 90 минутната пресметка со гостите од Санкт Петербург.