Почина 46 годишниот пациент од Неготино кој на Клиниката за инфективни болести, беше хоспитализиран поради зараза со бактеријата листерија, информираа од Министерството за здравство.
Неготинчанецот бил задржан на лекување на 03 август со клиничка слика на акутен гастроентероколит, кај кого со дополнителни испитувања била потврдена инфекција и на централниот нервен систем.
Поради влошување на здравствената состојба бил приклучен на апарати за дишење. Во лекувањето покрај инфектолози, активно биле вклучени и анестезиолози од КАРИЛ. И покрај сите превземени тераписки мерки состојбата на пациентот константно се влошувала со несакан исход на болеста.
За неполни два месеца ова е петти смртен случај од листерија, а опасната бактерија е потврдена кај десет пациенти досега.