Според соопштението од канцеларијата на претседателката на Косово, Атифете Јахјага, локалните избори во земјата ќе се одржат на 3 ноември.
„Одлуката е донесена по разговорите со главните политички сили во државата и по договорот за нормализирање на односите со Србија постигнат во Брисел“, се вели во соопштението.
Според Јахјага, потребна е помош и поддршка од Организацијата за безбедност и соработка во Европа за одржување на изборите во земјата.
Таа веќе дала наредба комисијата на Косово да ги преземе сите потребни активности за организација и одржување на локалните избори.
Локалните избори ќе има и во општините на северниот дел, како што е договорено со бриселскиот договор на премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи.
Првите локални избори на територијата на Косово беа одржани во 2009 година, по осамостојувањето во февруари 2008.