Во 6 часот наутро во пожар на импровизирана барака во близина на месноста Чекоштина во Охрид, загинаа мајка и седуммесечно бебе.
Според податоците од СВР Охрид, пожарот настанал рано утрово во импровизираната барака во близина на болницата „Свети Еразмо“. Пожарникарите кои интервенирале успеале да го локализираат пожарот, но ги пронашле двете јагленисани тела на мајката и бебето.
– Противпожарните екипи и увидни екипи на СВР Охрид излегоа на терен и во тек е увидот на лице место, изјави утрово портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Пожарот прв го забележал вработен во бензинската пумпа „Петрол“ што се наоѓа во близина, за што ја известил Територијалната противпожарна служба.
Импровизирано грејно тело, според првичните информации, е причината за несреќниот случај.
Локацијата каде што се случи пожарот, е живеалиште на повеќе слични импровизирани бараки од картони и дрво во кои живеат социјално загрозени семејства.
Фото: Нова Македонија