Обилните дожнови што ја зафатија Македонија, предизвикаа поплави во повеќе градови. Струмица, Радовиш, Куманово, Свети Николе и Штип се под вода и состојбата е алармантна.
Синоќешното невреме предизвика реката Брегалница да се излее од своето корито. Поплавени се 30-тина куќи во штипската населба Ново Село.
Поплавени се и бунарите од коишто градот Штип се снабдува со вода за пиење. На Штипјани им се препорачува да не ја користат водата за пиење.
За сообраќај е затворен регионалниот пат од Штип којшто води кон Радовиш од населбата штипско Ново Село.
Од невремето направени се големи штети и во четири села во Радовишкиот регион, а земјоделските култури се под вода.
Околу 1.500 жители од селото Злеово целосно се отсечени, а урнатиот мост им е единствена комуникација кон Радовиш и Струмица.
Состојбата е алармантна и во Свети Николе. Долж градот околу 200 куќи се под вода како и трафостаницата со која градот се снабдува со електрична енергија.
Поплави има и во Кумановскиот регион откако се излеаа реките Кумановка и Пчиња, при што водата зафатила повеќе куќи во Куманово, во селата Бељаковце, Довезенце и Јачинце.