Горазд Попоски, уметник, директор на Македонскиот културен центар во Њујорк за НОВА- „Се спомнува понекогаш, но оваа држава е втемелена во личното право на движење и слобода, па многу тешко би се решиле да го спроведат“.
Секуловска: Кога ви се обратив за интервју, ми кажавте дека сте дома, од дома работите. Како функционирате воопшто работејќи дома?
Попоски: Работењето од дома овозможува човек да се сконцентрира на некои задачи за кои нема време во нормални услови или задачи кои се одлагале може конечно да ги превземе… Во вакво време, кога мора да се седи дома, човек може и да се преиспита, провери и рефокусира во работата.
Суреалноста на ситуацијата и дава воздишка на екологијата. Седењето дома ја покажува важноста и неопходноста од креативните професии каде секој човек, каде и да се затворен, може преку тв, апликации и платформи да го пополни своето време.
Предизвик е да се оддолее на пролетта, а и самото затворање дома може на делува на човечката психа. Смиреноста и сталоженоста се неопходни во вакви моменти. Самиот факт дека сите, скоро целиот свет е во слични услови, настанати не од војни или економски состојби, туку од фактор што сите подеднакво нé засега, ја покажува неопходноста на почитување на вистинските човечки вредности, фамилијата, пријателството, почитувањето на земјината топка.
Јас, лично, работам на еден проект сам, за кој поради рестрикциите во движењето, оневозможува асиситентите да дојдат во студиото во Бруклин. Префлив дел од работата во работилницата на ЕСТ театарот под Галеријата, која зграда се наоѓа непосредно до станот каде живеам, па имам место за привремено да подработувам без да се движам низ град.
Секуловска: Дали сите фирми ги пратија работниците дома, дали е задолжително или само препорака, што е со јавниот сектор, дали и за нив важи препораката?
Попоски: Повеќето се затворени, некои лимитирани до 25 % од бројот на вработени ако обавуваат дејности за потреба на граѓани, како што се одржување и управување на згради; тие што спаѓаат во “важни” за нормално работење на градот имаат дозвола за работа, како што се голем дел од административните дејности, самопослуги, аптеки, јавен превоз, итн.
Секуловска: Каква е ситуацијата таму, како се справува државата со Корона вирусот?
Попоски: Различна е сликата која човек ја добива од гледање на телевизија, каде ги прикажуваат состојбите со заболени, разликата во борбите и потребите со кои се справува локалната, и федералната власт, и од сликата која човек може да ја добие од шетање надвор низ град каде сé е мирно.
На федерално ниво, се закасни доста со планирање на справување во состојбите за одредени региони во државата, па сега е трка за поплнување и доставување на опрема на места кои највеќе се погодени, и планирање за региони каде може да избувне следно.
Секуловска: Дали се затворени сите објекти како во Македонија- ресторани, шопинг центри, училишта, универзитети?
Попоски: Да, во Њујорк, Калифорнија и повекјето држави низ САД. Бидејки власта е децентрализирана, одредени региони или држави немаат донесено исти забрани за движење или работа.
Секуловска: Како е ограничено движењето на граѓаните, дали се придржуваат, дали се почитуваат инструкциите на државата?
Попоски: Мнозинството се придржува но, како и секаде, има по некои кои се собираат, игнорираат забрани и со тоа, ја загрозуваат средината околу себе.
Секуловска: На кој начин функционира образованието, дали има потешкотии за наставниот кадар и учениците?
Попоски: Колку што следам или слушам од пријатели вработени во образование, наставите се ‘онлајн’ и студентите сами според својата одговорност, се придржуваат кон условите и дирекциите. Внесени се во работа доста апликации за следење и учествување директно во настава, некои и слични, претпоставувам, оние коишто музичарите низ цел свет ги употребуваат во живо.
Секуловска: Дали се размислува за полициски час?
Попоски: Се спомнува понекогаш, но оваа држава е втемелена во личното право на движење и слобода, па многу тешко би се решиле да го спроведат. Но, имаше инстанци на спроведување карантин, како во Њу Рошел, па дел од државата Вашингтон, каде рестрикциите помогнаа во намалување на ширењето на заболените.
Секуловска: Каква е реакцијата на граѓаните, дали се смирени и дисциплинирани, дали има оптимизам за брзо решение на кризата?
Попоски: Граѓаните во мнозинство се смирени, и ја прифатија ситуацијата. Како и секаде, се надеваат на побрзо поминуванје на кризата. Времето ке си ја покаже реалноста.
Секуловска: Какви се економските последици за земјата, кои се мерките на Владата?
Попоски: Рано е да се видат последиците за економијата. Ако продолжи ситуацијава со рестрикции и забрани, секако економијата ќе страда сегде а со тоа и состојбата на граѓаните. Федералната власт пушти помош за граѓаните која се покажува дека е недоволна, па во подготовка е нов пакет на мерки за помош на фирми и поединци.
Секуловска: Кои се предвидувањата на официјалните претставници, на експертите- кога се очекува крај на кризата?
Попоски: Според научниците кои се бават со наоѓање на лек, вакцина, секако треба време додека се поминат сите неопходни тестирања, па доцна 2021, до 2022 е најрано кога со некаква сигурност ќе може да се видат резултатите.
Според многу, заболувањата а со тоа, повторно затворање на дел од економијата, школството, објектите, итн,. може да се враќа во циклуси, сé додека не се искорени или најде начин да се справи со вирусот. Одговорните локални власти се надевааат дека до есен ќе има одржано и доволно истражувања и тестирање на разни лекови, па болниците ќе бидат подготвени и снабдени, за полесно и подобро се лекуваат заболените во новата сезона на грип, а и самите ние ќе бидеме доволно информирани и свесни за справување со придизвиците настанати од оваа болест.