За За НОВА говори Ида Протуѓер, Вељковиќ, психолог, колумнист и тренер за личен и организациски развој- “Она што најмногу ми остава впечаток е дека е доста организирана земја. Веднаш системски се решаваат проблемите”.
НОВА: Австрија е прва земја во Европа која става крај на карантинот. Дали е тоа оправдано, како тој изгледаше и како ти лично го поминуваш?
Протуѓер: Не се чувствувам многу комотно да зборувам за крај на карантинот кога нов викенд на локдаун ги чека сите мои блиски во Македонија. Но причината за спуштање на мерките е намалување на степенот на репликацијана вирусот под еден. Има по околу 50 тина новозаразени дневно што е мал број за земја со близу 9 милиони жители.
Од понеделник ќе отворат повторно сите продавници и услужни дејности. Рестораните и училиштата од 15 мај. Хотелите од 29 мај. Ние како семејство сме во самоизолација од 12 март. Некако се организиравме да работиме од дома, но ситуацијата е секако голем предизвик. Имаме дете од скоро 6 години кое сака надвор и сака другарчиња иако е сосема на возраст на која ја разбира ситуацијата и соработува. Мерките овде беа без полициски час, но секако со многу ограничувања.
Дозволено е движење во група од најмногу пет луѓе, а тие да се од исто семејство, да има физичка дистанца од две метри помеѓу луѓето, сите што се во можност, да работат од дома, а до католички Велигден беа затворени сите продавници освен супермаркети и аптеки. Сега работат и помалите продавници.Верувам дека дисциплината беше главна причина што не се прогласи полициски час, но исто така вистината е дека системот овде може повеќе да “изддржи”.
Има многу добро развиена мрежа на јавен превоз и подземната железница и трамваите возат толку често, што просто не можеше да се создаде гужва. Во Македонија, од она што следам гледам дека навистина има случаи на непочитување на мерки, но исто така системот потешко може да поддржи живот на “дозволена” дистанца и оттука веројатно мерките се построги. Јас лично карантинот го поминувам работно, како и во грижа за детето. Бев на почеток исплашена, но сега ја прифаќам ситуацијата како околност која не може да се промени, туку треба да најдеме сопствен одговор на тоа, бидејќи ќе потрае.
НОВА: Дали сите фирми ги пратија работниците дома, дали е задолжително или само препорака, што е со јавниот сектор, дали и за нив важи препораката?
Протуѓер: Сите кои можат, работат од дома, но нема строга забрана да се оди на работа. Приватните градинки на пример воопшто не затворија иако препорака беше тие што можат да се грижат за децата, да не ги пуштаат во градинка. Бројот на оние кои изгубија работа e околу 400.000. Владата за оние кои останаа без работа, воведе еднократна парична помош и дополнително, воведе мерка која се вика кратка работа.
Работодавецот го плаќа работникот скратено време, бидејќи тој работи од дома, многумина се со обврски околу деца, па тие часови што не ги плаќа работодавецот, ги надоместува државата до 90%. Некоја груба процена е дека неделно државата троши до две милијарди евра за спас, што за споредба, е колку половина македонски буџет. ИФО институтот за економски истражувања во Минхен излезе со анализа дека за двомесечен локдаун колку што ќе трае во Австрија, економските штети се проценуваат на 34 милијарди евра или 8,5 отсто помал раст од проектираниот.
НОВА: Каква е ситуацијата генерално во Австрија, како се справува државата со Корона вирусот?
Протуѓер: Она што најмногу ми остава впечаток е дека е доста организирана земја. Веднаш системски се решаваат проблемите. Медицинскиот персонал е поделен секако во тимови според протокол, но имам пријателка Македонка која е лекар на главната клиника и гледамод нејзин пример дека кога едниот тим “одмара”, всушност се едуцира.
Имаат постојано вебинари на кои професорите од медицински факултет во Виена но и други врвни експерти со кои соработуваат, ги споделуваат најновите сознанија и искуствата, што потоа доведува до што подобро едуциран и подготвен персонал за одговор на болеста. Бидејќи протоколите за лекување се менуваат според најновите сознанија за болеста и вирусот.
На ниво на комуникација со јавноста, речиси секој ден има прес-конференции,но никогаш не се појавува само еден претставник на владата, туку секогаш е тим, во кој многу често се канцеларот, министерот за здравство, за финанснсии како и претставник на Стопанската комора, во зависност која е темата на прес конференцијата.
Од друга страна, постојат големи критики кон владата, особено за економските мерки, дека не се внимателно смислени и не се знае какви ефекти ќе предизвикаат. Се случува нешто како обид да се “фрлаат пари од хеликоптер”, но без идеја како тоа ќе заврши.
Во однос на организација на животот, пред сите поголеми маркети стојат редари кои пуштаат само одреден број клиенти и им даваат маски на влезот. Во супермаркетите задолжително има дезинфициенс со кои им се прскаат рацете на купувачите на влезот и има налепници на подот со одредена дистанца на која може да се чека на ред, така што речиси е незамисливо дека некој ќе застане близу вас на помалку од два метра.
Се подготвува системско решение и за училиштата, една група деца во одредени денови, друга група во други или пак во смени, за да може да се обезбеди дозволена дистанца. Правилата за рестораните пред нивното отворање се дека на маса ќе биде дозволено да седнат најмногу четворица (вклучително и деца), меѓу масите ќе има најмалку еден метар раздалеченост, келнерите ќе служат со маски.
НОВА: Како се коментира таму ситуацијата со Тирол, каде беше утврдено жариштето на ширење на зарата во Австрија и извезен вирузот во други земји?
Протуѓер: Тоа е се уште голема тема во јавноста. Мерките за воведување вонреден начин на живот беа најавени на 13 март (петок), со почеток на 17 март (вторник), а во викендот измеѓу сите скијачки центри, ресторани и барови таму работеа, што се покажа крајно неодговорно.
Токму тогаш, преку ноќните клубови и кабините на жичарите, вирусот се ширел. Особено е голем скандалот во Ишгл, каде еден пратеник го предупредил сопственикот на локалот каде беше зарезен диџеј и вирусот се проширил, дека е опасно тоа што работат. Инаку според она што утврди државата, студенти од Болоња ја увезле короната во Тирол, а првата заразена била туристка од Швајцарија.
Сега огромен број туристи го тужат Тирол, а од таму пак, одговорноста ја префрлаат на централно ниво, дека не била изречена мерка за затворање. Преовладува уверувањето дека капиталистичкиот порив за профит беше посилен од одговорноста за луѓето.
НОВА: Како е ограничено движењето на граѓаните, дали се придржуваат, дали се почитуваат инструкциите на државата?
Протуѓер: Во продавниците и супермаркетите, како и во јавниот превоз се почитуваат, но по улиците, на пазарите и местата за рекреација бидејќи времето е убаво, има прекршување на правилата. Интересно ми е однесувањето на полицијата која на својот твите профил објавува слики од непочитувачите на законот, со што сака да делува повеќе превентивно и да ја подигне свеста за правилата. Се разбира има изрекување и казни.
НОВА: Дали има оптимизам за брзо решение на кризата?
Протуѓер: Ако зборуваме за оптимизам за победа над вирусот, веќе на сите ни е јасно дека тоа ќе се случи кога ќе се дојде до вакцина. Но, оптимизмот или песимизмот како заклучок за тоа какви се покажуваме како луѓе, врз кои вредности се темели светот, тоа е премет на мој личен интерес и анализа од почетокот.
На ниво на лидерства, без оглед каков капацитет поседуваат државите, го почитувам инстинктот да се заштити животот на сите. Кај оние држави кои поскоро ги воведоа мерките и не ризикуваа. Не мислам дека мерките на локдаун беа решение за кое се смислеше дека ќе трае на долг рок, но тие се потребни за да се провери системот колку може да издржи. Мерките ги гледам како начин да се забави ширењето до таа мера, до која секој ќе има можност да добие соодветна болничка нега ако се разболе и му е потребна. Австрија мислам дека виде дека има добар капацитет и сега се опушти. Ќе видиме дали оправдано.
Некои земји кои се меѓу најразвиените имаа лидерства кои ги одложуваа мерките со цел да не се наруши капиталистичкиот мир. Или пак сакаат да ја отворат економијата, без таа одлука да биде поддржана од позитивни покзатели. Таа неодговорност прерасна во препишување средства за чистење како лекови. Тоа е лидерство што крајно не го почитувам.
Британскиот премиер кој во прво време не сакаше ништо да затвори со тезата за групен имунитет, кога се разболе, си зафати кревет на интензивна нега. Среќа што е жив и здрав, но неговите политики на несоодветна и ненавремена реакција ќе им го одземеа токму тој потребен кревет на многумина, ако бројот на заболени го надминеше капацитетот на болниците. Ако тие две земји се меѓу водечките во светот, оптимизмот дека развојот на цивилизацијата ќе го помести погледот од “јас и мене да ми биде добро” кон “ние и на сите да ни биде добро”, некако го снемува.
Не сум поборник да се гледа на кризата како на про- и анти-капитализам, туку повеќе сум насочена да видам која е целта во употребата на досега стекнатите ресурси. Веројатно откако ќе се смири ситуацијата, ќе биде побистар погледот кон моментот на етика и лидерство на глобално ниво.
По природа сум непоправлив оптимист, дека со оваа криза ќе “пораснеме” еден чекор понапред како човештво.
НОВА: Кои се предвидувањата на официјалните претставници таму, на експертите- кога се очекува крај на кризата?
Протуѓер: Официјалните лица овде ги подготвуваат граѓаните дека ќе се живее во “нова реалност” до пронаоѓање на вакцината. Тоа ќе значи живот и работа на дистанца од два метра. Маските ќе бидат дел од нашиот аутфит, дезинфициенсите редовна хигиенска навика. Веројатно многу од состаноците ќе преминат на виртуелно ниво. Во моментот се прават подготовкитој нов начин на живот да функционира. Се прави сетинг надистанца во училниците, во работните простории, во продавниците.
Отворањето на Австрија секако е оправдано ако ги гледаме бројките, но на најавата дека сеотвора и небото и дека авиокомпаниите ќе почнат да летаат гледам со скепса. Ми се чини дека државата сега се отвора на некој тест период, да види како тоа ќе функционира и ако се влоши ситуацијата, повторно веројатно ќе се воведуваат рестриктивни мерки.