За предизвиците со кои се соочува Канада околу Корона кризата, за НОВА говори Кирил Трпков, доктор, професор на Универзитетот во Калгари, Алберта, Канада
НОВА: Кога ви се обратив за интервју, ми кажавте дека сте дома, од дома работите. Како функционирате воопшто работејќи дома?
Трпков: Ви благодарам за поканата за разговор. Би сакал пред се’ да дадам кусо мислење за ситуацијата со пандемијата на КОВИД-19, со која што се соочува целиот свет. КОВИД-19 не’ погоди сите во многу кус период, без разлика каде и да сме. Оваа исклучителна ситуација претставува акутно потсетување за тоа колку е всушност “близок” овој глобален свет, и покрај географските далечини.
Социјалните мрежи исто така создаваат состојба на “далечна блискост” (или “блиска далечина”), во која луѓето дознаваат речиси веднаш за тоа што се случува насекаде во светот. Некогаш, дури парадоксално, знаат и побрзо и поточно за оние работи и настани што им се случуваат на другите, на други места на земјината топка. Но не секогаш е лесно, еден поединец, критички да “просее” и разбере што навистина се случува, врз база на точни факти и информации, а не полувистини и шпекулации. Сечија примарна одговорност е пред се да комуницира со факти и рационалност.
Во врска со вашето прашање за тоа како функционирам сега, јас повремено работам од дома, но и сеуште одам на работа. Јас сум лекар, патолог-специјалист по генитоуринарна патологија и работам во болницата Рокивју во Калгари, во провинцијата Алберта, а професор сум на Универзитетот во Калгари. Се трудам да се прилагодам на оваа вонредна ситуација, зашто друга алтернатива, барем за мене, нема. А ситуацијата се менува скоро секојдневно. Но сега, по месец-два од глобалната пандемија, скоро секој човек на планетава знае дека КОВИД-19 е нова реалност, се надевам привремена. Ова е нешто со што ќе мораме да научиме како да се справиме сега и во поскорешната иднина, зашто друг избор немаме, а ниту имаме друга планета.
НОВА: Каква е ситуацијата таму, како се справува Канада со Корона вирусот?
Трпков: Канада е засега меѓу оние држави што подобро се справуваат со пандемијата, пред се, ако се следат официјалните бројки, отсликани во бројот на тестирани, инфицирани, хоспитализирани и починати од КОВИД-19. Официјалните бројки укажуваат дека ситуацијата не е толку критична како во на пр. во САД, Италија, Шпанија, и Франција, и дека засега Канада успева да ја “израмнува кривата“ на заболени од КОВИД-19, т.е. да ја контролора пандемијата локално, со примена на јавно-здравствени мерки на ублажување и ограничување, социјална изолација, дистанцирање и лични мерки на хигиена.
Oвие мерки се спроведуваат од средината на Март 2020 во цела Канада и засега имаат ефект. Официјалните бројки се достапни и кредибилни, и секојдневно се апдатираат. Отвореноста, транспарентноста и отчетноста се најдобрите средства на јавна комуникација во услови на општествена и здравствена криза.
Бидејки Канада е конфедерација составена од 13 провинции, а јавното здравство е пред се одговорност на провинциите, постојат разлики во однос на тоа како провинции засега се справуваат со КОВИД-19. На пример, ситуацијата во западните провинции, Алберта (кајшто живеам јас) и Бритиш Колумбија е подобра одошто во источните, Онтарио и Квебек, кога се споредуваат официјалните бројки.
За илустрација, Алберта, која што има околу 4.4 милиони жители и територија колку онаа на Германија и Италија – заедно, денеска (13 Април), има официјално 1651 инфицирани, 44 починати и 77 000 направени тестови (или 17500 тестови на милион жители, што е една од највисоките бројки во светот).
Се предвидува врвот на епидемијата да се случи околу средината на Мај, но моделите за предвидување не се најпрецизни, впрочем како и во други средини.
НОВА: Дали сите фирми ги пратија работниците дома, дали е задолжително или само препорака, што е со јавниот сектор, дали и за нив важи препораката?
Трпков: Во Канада, според официјалните препораки, најголем дел на тие што се уште можат да работат, работат од дома, применувајќи физичка т.е. социјална дистанца. Вработените во многу компании се на принуден одмор, или се привремено отпуштени од работа. Овие мерки ќе бидат во сила се додека не се стави ситуацијата под контрола.
НОВА: Дали се затворени сите објекти како во Македонија- ресторани, шопинг центри, училишта, универзитети?
Трпков: Сите објекти и институции што ги спомнувате се затворени. Огромен број на мали бизниси се исто така комплетно затворени. Редовно се отворени само продавниците од витално значење, како супермаркетите и аптеките, што е слично како и во други држави.
НОВА: Како е ограничено движењето на граѓаните, дали се придржуваат, дали се почитуваат инструкциите на државата?
Трпков: Канада е сепак едно организирано општество, со релативно свесни и дисциплинирани луѓе, и со јавен здравствен систем што е меѓу најдобрите во светот. Граѓаните ги почитуваат мерките на социјална дистанца, и засега нема потреба од воведување на додатни рестриктивни мерки (на пр. за комплетна забрана на движење во одредено време).
НОВА: На кој начин функционира образованието, дали има потешкотии за наставниот кадар и учениците?
Трпков: На универзитетите, наставата и испитите се одвиваат онлајн и виртуелно. Секако дека ваквата нужна промена носи голем број предизвици, но верувам дека ваквата ситуација ги принудува сите да бидат креативни за да одговорат на предизвиците. Исто верувам дека некои од овие “принудни” промени и нови искуства во образованието ќе опстојат и кога ситуацијата ќе се надмине, а образованието “онлајн” ќе добие додатен поттик и потврда дека може да функционира.
НОВА: Дали се размислува за полициски час?
Трпков: Строга административна контрола со крајно рестриктивни мерки за целосна забрана на движење, дури и на одредено време, засега во Канада не постои, но не се сомневам дека ако целата ситуација се влоши, вакви мерки ќе мораат да се воведат. Воведувањето вакви рестриктивни мерки во демократски општества сепак претставува крајна нужност и овие мерки се воведуваат само во исклучителни ситуации.
Но кога излезот од најтешкиот дел кризата ќе биде на повидок, сепак некој вид на рестриктивни ограничувања сеуште ќе постојат, на пример, за лица што се во поголема опасност (постари, со постоечки болести, или намален имунитет), или мерки на електронски надзор (на пример телефонски апликации), заедно со ригорозно индивидуално тестирање за да се одреди постоењето на индивидуален имунитет. Мислам дека ваквиот пристап ќе биде неопходен за општествата повторно да се отворат, и за да се вратат во некаква нова привремена “нормала”, а со цел да се плати најмала можна цена, барем во поблиска иднина.
НОВА: Каква е реакцијата на граѓаните, дали се смирени и дисциплинирани, дали има оптимизам за брзо решение на кризата?
Трпков: Ситуацијата се прифаќа доста реално и трезвено, и никој нема илузии дека работите ќе се решат одеднаш со некое магично стапче. Комуникациите од јавните и политичките претставници се затоа доста претпазливи. Место за претеран оптимизам засега нема, но со оглед дека минуваме веројатно низ најтешките денови на кризата глобално, се надевам дека во претстојните месеци, во текот на летото, ситуацијата ќе биде многу подобра.
НОВА: Какви се економските последици за земјата, кои се мерките на Владата?
Трпков: Општествената и здравствената криза ја запреа сета економија и глобално, но и во Канада. Се проценува дека Канада изгуби околу еден милион работни места од почетокот на кризата. Владите во светот, вклучително и Канадската, презедоа и преземаат низа мерки за олеснување на економскиот товар и последиците од кризата. Ова се широк спектар на мерки за економски стимулус и олеснувања, но и додатна социјална грижа на оние што изгубија работа од почетокот на кризата.
На индивидуално ниво, на пример, сите оние кои се отпуштени од работа, можат да добијат вонредна “економска помош” од 500 канадски долари неделно (oколу 20000 денари), во следните 16 недели.
НОВА: Кои се предвидувањата на официјалните претставници, на експертите- кога се очекува крај на кризата?
Трпков: Јас лично сум оптимист, со оглед дека многу истражувачи, научници и тимови во целиот свет, а и во Канада, се сконцентрирани на пронаоѓање вакцини, лекови и третмaни за КОВИД-19, како и методи за брзо тестирање. Постои исто така голема интернационална соработка и брза размена на информации, а владите и регулативните тела се вонредно експедитивни во олеснувањето на административните пречки за да се постигнат овие цели што побрзо.
Meдицината од друга страна е релативно спора дисциплина и секое клиничко и друго испитување мора да мине низ ригорозен процес на валидација и потврда, за најпрвин да не се направи штета, што е основно правило во медицината.
Сметам дека некои потенцијални третмани и вакцини во развој, на пр. за САРС (којшто е предизвикан од многу сличен корона вирус) на кои се работеше претходно, можат да го забрзаат целиот процес до изнаоѓање на конечно решение или т.н. “game changer”. Очекувам дека во следните година до две најверојатно ќе имаме вакцинa за КОВИД-19. Патот до таму нема да биде ниту лесен, ниту прав, и оваа криза ќе остави длабока трага на целиот свет, но човек мора да остане оптимист.