Жанета Скерлев, поранешна новинарка во македонската секција на Би-Би-Си, сега медиумски консултант, за НОВА говори за британските искуства со Корона кризата.
Секуловска: Кога ви се обратив за интервју, ми кажавте дека сте дома, од дома работите. Како функционирате воопшто работејќи дома?
Скерлев: Одлично! Се научив да работам од дома. Прво, работев од дома зашто како новинар, а потоа прилично долго време и како шеф на Македонската редакција на Светскиот сервис на БиБиСи, немаше од девет до пет, немаше „одјавување од работа“ во саботи, недели, за празници…работев цело време и работата си ја носев и дома.
Потоа, кога ми ја затворија редакцијата, истото беше и понатаму, како проект едитор и ПиАр соработник на менаџмент бордот на Светскиот сервис. И сега, како фриленсер, но со една разлика. Голема разлика. Цел Лондон ми беше канцеларија. Работев и од дома-главната база и од Кафе Неро, мојот огранок во Вимблдон вилиџ, со најубавото кафе во Лондон и потоа, по потреба, но и за промена, низ целиот град, главно во кафетерии каде што има исклучително силен интернет, добро кафе и интегрални мафини.Текстови, состаноци, интервјуа,контакти,инспирации. Убајна!
Но сега, со ситуацијата со корона вирусот, главно сум во мојата главна база. Со истата рутина. Со исклучително силен интернет, добро кафе и интегрални мафини. И уште една многу битна работа кога се работи од дома – никако по пижами. И – добра гардероба и добра шминка! Чуда прави за моралот и самодовербата, а за инспирацијата и да не зборувам…
Секуловска: Дали сите фирми ги пратија работниците дома, дали е задолжително или само препорака, што е со јавниот сектор, дали и за нив важи препораката? Дали се затворени сите објекти како во Македонија- ресторани, шопинг центри, училишта, универзитети?
Скерлев: Дома работат оние кои можат да работат од дома и оние на кои им е препорачано, не сите. Администрацијата работи од дома, оној дел кој може, приватните фирми исто така. Сабајлево излегов да поткупам некои работи за дома сликата беше според препораките. Затворени се сите продавници, ресторани, кафетерии, буквално сите. Работат само самопослугите и аптеките.
И за разлика од пред некој ден, кога луѓето влегуваа и излегуваа кој како сака, сега има нов „куќен ред“. Се чека пред влезот за влез на растојание од по два метри. Дежурен продавач пушта да влезе само по еден купувач, и тоа откако ќе излезе некој од самопослугата. Истото важи и за аптеките.Еден по еден. Што и не е тешко и нема расправии, Англичаните се навикнати на редици и мирно и дисциплинирано чекаат.
Владата калулираше со затворањето на училиштата и според многумина, ги затвори, релативно доцна. Но не сите. Некои училишта работат – во нив одат деца на таканаречените „основни вработени“, односно на здравствените работници- лекарите, медицинските сестри, останатиот здравствен персонал, како и вработените во прехранбената индустрија, продавачите и продавачките, возачите во јавниот сообраќај како и оние кои вршат испорака, полицијата, некои социјални работници, наставниците, членови на владата и некои министерства, медиумски работници и така натаму.
Затворањето на училиштата, иако очекувано, дојде ненадејно зашто се случи пред завршните испити на средношколците кои требаше да им ја определат иднината и да упатат некои на студирање, други на евентуално вработување трети на барање соодветна работа а четврти можеби на социјална помош…Сепак, донесена е соломонска одлука да се прифатат резултатите од пробните тестови. Нема многу среќни тука, ни родители н и деца, зашто многумина сметаат дека учеле попусто и можеле повеќе.
Секуловска: На кој начин функционира образованието, дали има потешкотии за наставниот кадар и учениците?
Пандемијата ја заврши учебната година, децата се дома, мнозинството родители се дома и настапи време на домашно образование. Со помош на интернетот и со помош на интерактивните програми. Многу учителки и наставнички се поврзаа со децата па им држат по некој час дневно, но главниот товар е сепак на родителите и имам впечаток дека тие едвај чекаат да го „поминат заостанатото градиво“ и да дојде летниот одмор. Ама со оглед на тоа што тука нема три месеци летен одмор, уште долго време ќе продолжат домашните лекции, часовите на интернет и колективните собирања преку онлајн апликациите.
Секуловска: Каква е ситуацијата таму, како се справува државата со Корона вирусот?
Скерлев: Владата го организира најсеопфатниот план за опстанок на економијата било кога. Впрочем, ова е уникатна, невидена ситуација, се случува пандемија од која секојдневно се губат животи и која го запре животот во земјата. Финансискиот план од 330 милијарди фунти за покривање на владините мерки беше донесен само една недела по новиот буџет на владата кој мислевме дека е дарежлив и покрива 80% од платите на вработените кои сега седат дома и не одат на работа.
Исто така, донесена е одлука и за фриленсерите ( актери, инструктори по возење, пејачи, фризери, козметичари итн) на кои им се покрива 80% од просекот од заработувачката од последните 3 години што е исто така преседан пар екселанс. Социјалната помош се исплаќа, макар што имаше критики дека нешто доцни, а причините се бараа во тоа што значително се зголеми бројот на баратели.
Секуловска: Како е ограничено движењето на граѓаните, дали се придржуваат, дали се почитуваат инструкциите на државата?
Можеме да излеземе да купуваме храна и лекови и да вежбаме надвор, да си ги шетаме домашните миленици- кучињата, ама се препорачува не во групи туку најмалку двајца. Без посети на роднини и пријатели.Нема венчавки и крштевања, останаа само погребите. Бесцелното шеткарање не се препорачува, што мене лично ми е малку смешно – ако веќе излегуваме, треба да го користиме времето конструктивно, ни велат од владата- значи јога, возење велосипед, трчање, брзо одење, Зумба (на отворено со двајца?).Сето ова се препораки, типично британски. Ќе ве замолат и вие ќе почитувате. Ако не, има последици.
Имаше случај на група развеселени изолирани кои си направија журка во дворот со скара, со пиво, со се‘, па им дојде полиција и ги замоли да прекинат зашто не ги почитуваат препораките. Развеселените изолирани не се согласија веднаш па случајот беше решен откако полицијата ја преврте скарата. Засега, тоа е најголемиот инцидент на островот.
Секуловска: Дали се размислува за полициски час? Каква е реакцијата на граѓаните, дали се смирени и дисциплинирани, дали има оптимизам за брзо решение на кризата?
Скерлев: Полициски час сега засега нема и мислам дека нема да има зашто Британците се главно дисциплиниран народ. Повеќе од двајца на автобуска или пред продавница, и веќе има редица. Ми се чини дека само тука може да функционира со „ ве молиме“, „ бидете љубезни“, „ ајде ако сакате“…. Се разбира, има и „бунтовници“, ама тие се малцинство кое само го потврдува правилото. Британците се трпелив народ. И солидарни.
На повикот на Владата да се пријават оние кои би можеле да помогнат во носење храна на старите и немоќни и дека се бараат околу 300.000 доброволци, се пријавија 750.000 луѓе. Пензионираните лекари и медицински лица масовно се одзваа да се вратат на работа да помогнат. Низ мојот Вимблдон има акција за носење храна и лекови на повозрасни, но и за правење друштво, односно разговор по телефон ( некогаш и лично, но на растојание) со постарите лица кои живеат сами да се провери како се, да се направи муабет, да им се каже дека не се заборавени…
Секуловска: Кои се предвидувањата на официјалните претставници, на експертите- кога се очекува крај на кризата?
Скерлев: Премиерот Борис Џонсон кој успева да ја менаџира кризата, но успеа и да се зарази со корона вирус, пред две недели велеше дека за 12 недели ќе било подобро. Сега никој не предвидува ништо за болест за која прво малку се знаеше, а сега се учи „во од“. На прес конференциите на владините претставници, здравствените експерти велат дека дека за неколку месеци ќе сме ја смачкале „ кривата“ која на графиконот на болеста оди по нагорна линија. Британија, и покрај Брегзитот, ги држи очите вперени во остатокот на Европа.