Пишува: Нано Ружин  

На 9 Мај, претседателот на Франција Емануел Макрон, во обраќањето пред  Европскиот Парламент, предложи „ревизија на европските договори“ и „структурирање на Европа“ околу една „европска политичка заедница“, инаку стара иницијатива на поранешниот француски претседател Франсоа Митеран,  Жак Делор и на некогашниот  евро-пратеник Алтиеро Спинели. Предлозите на Макрон само два дена по неговиот говор отворија голема дилема во ЕУ а веќе се издвоија и тринаесет потиписници на „нон-пејперот“ кои не ги прифаќаат предлозите на францускиот претседател. Овој вид дебата се провлекува низ целата историја на ЕУ како теориско/политичка конфронтација меѓу федералистите од типот на Шуман, Моне, Халштејн, Лунс, Делор кои сонуваа за Супранационална Европа и  суверенистите како Генерал Де Гол (Европа на народите) или евроскептиците како Г-ѓа Тачер и нивните следбеници.

Долго време потоа сценографијата на судирот федералисти/антифедералисти со мали загради во 2000/1 исчезна, се до руската инвазија на Украина и фронталната интервенција и заложба на Макрон за реформи на ЕУ.  Во суштина Макрон го поврзува прашањето на проширување на ЕУ со неопходните реформи и ревизија на основните договори на ЕУ.

Макрон ги изненади сите

Никој не очекуваше дека Макрон на овој начин ќе се реферира врз старите идеи на Митеран и ке ја развие стратегијата за европската конфедерација. Мислењата на аналитичарите се поделени но се согласуваат во мотивите на Емануел Макрон. Се работи за испраќање сигнали кон државите кандидати почнувајки од Украина која е во војна со Русија но и останатите што имаат европски соништа. „ … Европската Унија не може да биде единствената алатка за  структурирање на европскиот континент.“ Потребно е да се изнајдат нови патишта „за да ја осмислиме наша Европа и да отвориме  историска рефлексија за иднината на нашиот континент.“ Претседавачот  на Институтот „Жак Делор“, Енрико Лета кој е воедно шеф на Италијанската демократска партија, две недели работел на овој проект со дискретна поддршка на Марио Драги, претседателот на италијанскиот совет. Според нивното мислење оваа „ европска политичка заедница“ би можела да одговори и на аспирациите на Украина, Молдавија и Грузија, но зошто да не и на Казакстан, Узбекистан, Турција, како и на државите од Западен Балкан. Канцеларот  на Германија Олаф Шолц идејата ја оквалификува како „многу интересна“, без да ги обесхрабри државите како Северна Македонија (која ја спомена) или и остантите дека  полноправното членство е под знак на прашање.

Конфедерална Европа и геополитичкиот контекст во 1989 и 2022 ?

Актуелниот историски контекст не е споредлив со геополитичкиот оптимизам од 31 декември 1989 кога падна Берлинскиот зид, заврши Студената војна и се очекуваше интеграција на двете Германии. Советскиот сојуз на Михаил Горбачов се распаѓаше,  а и тој самиот ја лансираше идејата на Заедничкиот европски дом. Во таквата еуфорија Митеран ја промовира идејата за конфедерална Европа во која сметаше и на учеството на Русија. Овој проект не беше прифатлива ниту за САД, ниту за поголемиот дел држави од Централна и Источна Европа. Од Прага во улога на претседател на тогашната Чехословачка, Вацлав Хавел отворено се спротиставил  на конфедералниот план со Русија. Од тогаш ке изминат уште четиринаесет години додека Полска Чешка и Унгарија  се здобијат со членство во ЕУ во 2004.

Идејата на Митеран  била лансирана без претходни консултации со неговиот министер Ролан Дима, ниту со блиските советници или европски партнери. Истата приказна и метод ја повтори и Макрон, кој не ги информирал ниту претседателот на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, ниту Роберта Метсола, претседател на Европскиот парламент за проектот. Според мислењето на афирмираниот аналитичар  Ибер Ведрин “преформулирањето односно ревизиите на договорите  остануваат компликувани но стратешки значајни идеи“.  Во говорот од 26.09.2017 на Сорбона, Макрон ја изложи неговата визија за „обнова“ на Европа која преживеа неколку суксесивни финансиски, мигрантски и Брекзит кризи што значително ја ослабија ЕУ.  Со говорот во Стразбур, Макрон ја положи заклетвата,  дека ќе придонесе во изградбата на „Суверена, обединета, демократска и амбициозна Европа“. На 9 Мај, тој предложи повеќе реформи на ЕУ за политичката организација на Европа. Се изјасни за „ревизија на договорите наменетио на ЕУ. „Потребно е да ги реформираме нашите текстови. Една од реформите е и свикување на конвенција за ревидирање на договорите. Тоа е предлог и на европскиот парламент и јас го подржувам“ истакна тој.

Меѓутоа ова ќе биде тешка задача бидејки тринаесет од 27 држави-членки се спротивставуваат на ревидирање на договорите. Веќе циркулира и нон-пејперот потпишан од страна на Полска, Романија, Финска, Шведска, Данска, Малта, Чешка, Словенија, Бугарија, Хрватска и трите Балтички држави, „Не сме за промени кои се преуранети и недоволно дискутирани. ЕУ  функционира беспрекорно, што се покажа и со пандемијата… нема потреба од институционални реформи

Инвазијата на Русија како изговор за брзо членство во ЕУ?

Откако отпочна војната во Европа, и инвазијата на Русија на Владимир Путин во Украина, државите од Централна и Источна Европа се зафатија да лобираат во полза на брзиот прием на Украина во ЕУ. Но колку и да е оваа идеја хумана и космополитска сепак реалноста е сосема поинаква. Дали не им се прави неправда кон државите на Западен Балкан кои со децении чекаат пред вратите на ЕУ.  Според мислењето на Енрико Лета кој председава со Институтот „Жак Делор“  посетите на европските лидери на Киев наликувале на  посетите на европските лидери и еврократи на главните градови на Центрана Европа пред паѓањето на железната завеса. Во овие разговори полни со емоции и сочуство, европските политичари понекогаш создаваат лажни надежи, испорачуваат сомнителни ветувања кон Украинците. Неисполнувањето на ветувањата кај државите кандидати и конкретно меѓу Украинците резултираат со големи очекувања. Меѓутоа набргу надежите се трансформираат во  критики, фрустрации и разочарувања од  пречките на патот кон ЕУ. Ова е голема грешка, смета Енрико Лета. Кога би имале храброст да им кажеме на Украинците дека ќе чекаат уште најмалку една деценија, тие моментално се трансформираат во про-Американци и критичари на Европа. А зарем не помислуваат и на фрустрациите на државите од Западен Балкан како Абанија и Северна Македонија и останатите кои чекаат со децении во предворјето на Брисел. Тие отворено можат  да се запрашаат дали треба да бидеме  нападнати од Русија за да се здобиеме со членство во ЕУ? Затоа и предлогот за создавање на една конфедерација која може да одговори на европските аспирации на регионот почнувајки од Украина е добра идеја.

Чекална во вид на концентрични кругови која не ги ремети тековните агенди

Макрон предложи создавање на „европска политичка заедница“ за да ја прифати Украина која истовремено во паралелната процедура за прием ќе чека со децении. „Новата организација ќе им овозможи на европските демократски нации да пристапат кон европските вредности и да изнајдат нов простор за политичка, безбедносна и стопанска соработка. Макрон го опишува новиот простор за политичка и безбедносна  соработка кои се ситуирани во европскиот географски простор и ги прифаќаат европските идеи. Тоа е начин да им се пристапи и отвори ЕУ , „без да се  пореметат агендите на останатите“.

Дали целта на оваа институција е да се интегрираат државите аспиранти  кои чекаат прием во ЕУ  а кои би биле третирани како „втора лига“.Ова најверојатно ке ги разочара Украинците но ќе ги замисли и останатите аспиранти од Западен Балкан. Во повеќе земји од Западен Балкан елитите покажаа скептицизам и недореченост на проектите на  Макрон. Тој  се заложи за одржување на голема конференција која ќе биде посветена на иднината на Европа. Големата Европа од Атлантикот до Азија не е можна без редефинирање на нејзините институции во насока на федерализација на ЕУ. Но сонот за примарните сировини од идните држави членки на европската политичка заедница е силен мотив кај секој еврократ.

Основите на европската политичка заедница беа прецизирани за време на заедничкиот прес со Олаф Шолц, како „нова форма на соработка“. Оваа организација „ке им овозможи на демократските европски нации кои се насочени кон нашите вредности да пронајдат еден нов простор на политичка соработка, безбедност и кооперација“. Тука би се нашла и Украина но и оние кои малку напреднале на патот кон ЕУ како БиХ , или оние како Турција  како форма на изнаоѓање нова парадигма на стабилност и на соработка. Предлозите на Макрон  веќе ја иницираа дебатата која е многу контраверзна и наликува на создавање повеќе концентрични кругови согласно нивоата на интеграција на државите.

Во Јуни ЕУ ќе го разгледува кандидатскиот статус на Украина

Независно што овие предлози можат да бидат  кочница во барањето членство  за Украина, процедурата ке го следи сопствениот тек. ЕУ Комисијата во јуни ќе се изјасни за кандидатскиот статус на Украина во ЕУ, за што е потребен  консенсуален договор меѓу сите 27 членки.  Претседателот на ЕУ Комисијата истакна дека со голем интерес очекува да ги прими одговорите на прашалникот од страна на Украина. Инаку уште на 7 март беше лансирана процедурата во однос на барањето за членство на Украина во ЕУ. Кога еднаш ќе се предаде прашалникот се чекаат од една до  две години за да се изјасни Комисијата. Потоа  отпочнуваат дискусии помеѓу државата кандидат и европската извршна власт, пред отварањето на официјалните преговори за приемот кои бараат исто така едногласност на 27-те. Од искуство знаеме дека интеграцијата во ЕУ е долг процес кој вклучува и приближување на законодавствата на државата-кандидат со европското законодавство. Неопходни се комплексни преговори за разни теми и исполнување на тешки критериуми. Особено за држава која е во војна се бара политичка стабилност и пазарно стопанство. Инаку во овој миг пет држави се официјални кандидати за членство: С.Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Турција. Освен Украина уште три држави поднесоа барање за членство иако не се прифатени од страна на Брисел: БиХ, Грузија, Молдавија. Косово не побарал кандидатура но има статус на „потенцијален кандидат“.

Во почетокот на својот втор мандат Франсоа Митеран не успеа да ја наметне конфедералната визија кон партнерите, особено заради спротивставувањето на САД. Дали Макрон може да успее? Тој смета дека ќе успее.  „Ќе се потпрам на мојот бастун, (симболот на помошна  алатка за одбрана и помош кога се оди пеш на аџилак)  и се надевам дека ќе успеам.“

 

Авторот е универзитетски професор