Малезискиот премиер Наџиб Разак на денешната прес-конференција соопшти дека врз основа на последните анализи, „мора да се заклучи дека исчезнатиот авион завршил на јужниот дел од Индискиот Океан“.
Разак: „Со голема тага и жал, мораме да соопштиме дека според последните податоци, летот 370 завршил јужно во Индискиот Океан“.
– Од најновите анализи од одделот за истражување на Британија и Инмарсат, компанија која ги спроведува податоците од сателитите, се заклучува дека авионот летал по јужниот коридор а последната локација е во средината на Индискиот Океан, западно од Перт.
– Се работи за локација многу оддалечена од можни точки за слетување. Затоа со најдлабока тага и жал ве информирам дека авионот завршил јужно во Индискиот Океан, изјави Разак.
BBC објави фотографија од пораките кои Малезија Ерлајнс ги испратила до фамилиите на патниците. „Исчезнатиот авион боинг 777 на Малезија ерлајнс паднал во море. Никој не преживеал“, стои во пораката.
Тој дополни дека Малезија Ерлајнс ги информирала семејствата на сите 239 патници и членови на екипажот.
Авионот по кој трагаат повеќе од 25 земји, исчезна на 8.март при неговото патување од Куала Лумпур кон Пекинг.
Денешното соопштение од Малезија доаѓа по пет дена истрага во Индискиот Океан.