Здравствените власти трагаат по луѓето кои биле во контакт со двегодишното девојче кое почина од ебола во Мали. Девојчето патувало стотина километри со автобус заедно со нејзината баба, во време кога веќе била заразена со вирусот, смета Светската здравствена организација. Девојчето е првата жртва на ебола во Мали.
„Можам да кажам дека во време кога патувала со бабата , девојчето веќе било заразено но симптомите не биле развиени, изјавил Осуман Коне министер за здравство на Мали. Лекарите се сомневаат дека девојчето е заразено со ебола во град на југот на Гвинеја.
Десеттина луѓе кои биле во контакт со девојчето на нејзиното прво патување се идентификувани и изолирани, но се стравува дека има уште стотина.
Мали е една од најсиромашните земји во Африка која не е подготвена да се справи со вирусот на еболата, а СЗО веќе е таму да помогне.
Инаку, бројот на заразени со ебола ја надмина бројката од 10 000, се вели во последниот извештај на СЗО. Најпогодени се Сиера Леоне, Либерија и Гвинеја.