Министерството за администрација и информатичко општество најави дека во употреба ќе биде пуштена апликација за следење на граѓаните кои имале контакт со заболено лице. Апликацијата ќе биде активирана следната недела. Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски информира дека со неа ќе гарантира безбедност на личните податоци на граѓаните кои самите ќе треба да ја симнат на своите мобилни телефони. Во интервју за НОВА, министерот Манчевски одговара на нашите прашања во врска со оваа најава.
НОВА: Што треба да се постигне со оваа апликација? – Која е целта на нејзината промоција?
Дамјан Манчевски: Апликацијата треба да им помогне на епидемиолозите да знаат со кого сè контактирал одреден граѓанин, откако би се потврдило дека е позитиен на тест на ковид-19. И сега епидемиолозите ги поставуваат овие прашања на граѓаните преку анкетниот прашалник. Проблемот настанува кога се зголемува бројот на заразени и физички е невозможно да се следат анкетни прашалници на илјадници луѓе. Дополнителен проблем е неискреноста на граѓаните. Сведоци сме дека не се сите искрени и не даваат точни информации. Секако, дека треба да се земе во предвид и дека не секогаш можеме да се сетиме со кого се сме се гледале во последните 14 дена.Апликацијата работи на начин дека на вашиот мобилен телефон ги регистрира луѓето со кои сте биле во непосредна близина во последните 14 дена. Како се прави тоа? – При симнување апликацијата Ви доделува еден број. Еден сосема нов број кој нема никаква врска со Вашите лични податоци, нема врска со ЕМБГ, нема врска со Вашиот број на мобилен, тоа е сосема нов број. Апликацијата работи на начин на кој што преку bluetooth, ќе ги складира овие нови апликациски броеви на сите оние со кои што сме биле во близина во последните 14 дена. Овие апликациски броеви, и повторно потенцирам апликациски нови броеви (а не бројот на мобилен), се складираат во меморијата на Вашиот телефон. Доколку некој се покаже дека е позитивен на тестот за ковид-19, тогаш ќе биде замолен од страна на Министерството за здравство да ги испрати овие податоци до министерството. Дури тогаш и само тогаш апликациските броеви се спаруваат со броевите на мобилен телефон на граѓаните со кои граѓанинот бил во близина. Оние граѓани кои нема да се заразат нема да има потреба ништо да прават и податоците ќе бидат по автоматизам избришани.
НОВА: На кој начин апликацијата помага за превенција од инфекција со коронавирусот?
Дамјан Манчевски: Оваа апликација многу би им помогнала на епидемиолозите. Тие ќе можат точно да знаат со кого бил во контакт заразениот и точно да ги детерминираат кластерите. Ќе знаат и каде може да се очекуваат нови жаришта. Но, оваа апликација треба да делува и превентивно, односно да го спречи ширењето на вирусот. Со помош на овие податоци, Министерството за здравство би можело и да го информира секој граѓанин дека бил во контакт со заразен и дека се препорачува мерка на самоизолација.
НОВА: Дали секој граѓанин е обврзан да ја има или ќе се користи по личен избор?
Дамјан Манчевски: Не е обврзан. Сепак се решивме апликацијата да биде прашање на сопствена волја, токму поради паранојата која владее во општеството. Видете само што се случи пред една недела кога со објава на лажна вест, се крена паника дека врапчињата умреле од 5Г. Но, прашањето е дали сакаме да помогнеме во борбата против вирусот или не. Секој кој сака да се заштити, но и да ги заштити луѓето околу себе, оние кои ги сакаме, би требало да сака да ја симне оваа апликација.
НОВА: Дали како потецијален корисник на апликацијата ќе го добијам посакуваниот ефект ако голем дел од граѓаните сепак решат да не ја користат?
Дамјан Манчевски: Нема. И затоа е од огромна важност сите граѓани да ја симнат апликацијата. Ова е веќе прашање и на наша лична одговорност. Влегуваме во критична фаза во борбата против вирусот. Ги превземавме сите можни чекори за заштита на личните податоци. Граѓаните од овој аспект можат да бидат целосно спокојни. И сега се соочуваме со прашањето, дали сме подготвени за борбата, дали сакаме да помогнеме. Со користењето на оваа апликација секој од нас, буквално секој може да помогне во борбата против вирусот. Со оваа апликација, ќе им помогнеме на хероите, на докторите кои секој ден се на првата борбена линија и се борат против вирусот. Оваа апликација точно ќе им кажеме кој заразен со кого бил во контакт.
НОВА: Што е предноста ако сите ја користат апликацијта?
Дамјан Манчевски: Веќе одговорив погоре. Но, исто така, оваа апликација може значително да ја забрза изолацијата на вирусот и неговата елиминација, а тоа значи побрзо враќање на животот во нормала. Затоа од огромно значење е сите да ја користат.
НОВА: Кој располага со информациите што ќе ги дава оваа апликација за секој нејзин корисник?
Дамјан Манчевски: Доколку сте позитивен на тест за ковид-19, ќе бидете замолени податоците да ги пратите на Министерството за здравство. Значи потребно ќе биде да се пратат своеволно, никој нема да може да ги земе овие податоци без Ваша согласност. Значи, единствени кои би можеле да ги видат овие податоци би биле епидемиолозите, кои би биле во можност и да постапат понатаму во корист на нашето здравје.
НОВА: Постои ли ризик од злоуптреба на овие информации? -На кој начин се превенира злоупотребата?
Дамјан Манчевски: Со оглед на погоре опишаното, не постои. Ова е неинвазивна апликација. Не пенетрира, не користи лични податоци, не чита податоци од Вашиот телефон. Инаку, на пазарот постојат многу апликации кои ни се нудеа кои работат на база на геолокација, целосно следење на граѓаните каде се движат и што прават. Но, ние не се одлучивме за ваква апликација. Затоа што заштитата на личните податоци, граѓанските права и слободи ни се врвен приоритет. Користењето на апликацијата е прашање на избор. Бара согласност од граѓаните во два моменти. И кога се симнува апликацијата и кога евентуално би требало да ги пратите податоците за апликациските броеви кои сте ги собрале во претходните 14 дена.
НОВА: Дали апликацијата се прави на основа на искуства од други земји? – Ако е така, врз база на чие искуство се креира оваа апликација?
Дамјан Манчевски: Гледавме многу искуства во повеќе земји. Оваа апликација е најблиска со апликацијата што се користи во Сингапур и има покажано одлични резултати. Ние ќе сме една од првите европски земји која ќе користи ваков тип на технологија. И повторно ќе нагласам, дека се решивме за оваа технологија токму заради заштита на правата и слободите на граѓаните, како и заштита на нивните лични податоци. Подготвени сме истото и да го докажеме пред било кого.
НОВА: Кој ја иразботува апликацијата и дали е изборот направен врз база на транспаретен процес?
Дамјан Манчевски: Апликацијата е производ на македонска компанија. Деталите ќе ги објавиме при официјалното лансирање на апликацијата. И да бидам искрен, горди сме со тоа, што нашите епидемиолози работеа со наши програмери и дојдоа до едно вакви решение. Апликацијата е донација од страна на оваа компанија за Владата. И не е само оваа донација, како што веќе информираше министерот за здравство, Венко Филипче, тие до сега имаат примено донации од разни компании и поединци, во вредност од околу 500.000 евра за борба против ковид-19. Навистина ми е мило што гледам високо ниво на општествена одговорност кај многу луѓе. Ама на крајот останува на секој нас поединечно што ќе направиме. Дали ќе направиме се што можеме за да се заштитиме, дали ќе ги почитуваме препораките да се остане дома, дали ќе одиме во самоизолација доколку сме биле во контакт со заразени, дали ќе ја користиме апликацијата за да се заштитиме себе си и другите околу нас. Така да на крајот останува на секој од нас. Секој од нас да покаже одговорност и минимум ангажман. Така треба да се сфати и оваа апликација. Личен ангажман, помош од секој од нас.