Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Маринковиќ: Песната е здив на внатрешното – душата ги ткае стиховите

0
By Zoran Ivanov on October 28, 2025 КУЛТУРА, ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Поетскиот вруток е неисцрпен извор низ чие корито тече неизгаслива вулканска маса. Зборувам за инспирацијата кога надоаѓа како цунами, макар што доста често се случува долго време поетот да затаи. Песната е здив на внатрешното, еден вид катарза или тивко прочистување во себеси. Тенка е границата меѓу свесното и несвесното, да не речам дека за поетот и нема граници. Ако во свеста е зборот, во подсвеста лежат сите ненапишани спомени и неискажани желби, кои го обликуваат уметничкиот израз. Се е тоа во една симбиоза, да се роди зборот како моќен спој меѓу пулсот на срцето и емотивната енергија, зашто не е можно да се пишува без душа.

НОВА: Која е всушност Јулијана Маринковиќ, каква е одвнатре, а како самата се гледа?

Мислам дека е најтешко човек да се опише себеси, посебно сега на едно вакво, би рекла, доста директно прашање, макар што се она што ми лежи во душата, што го перцепирам, сето она емотивно во себе што го носам, не ми е тешко да го напишам во песна и на тој начин да ја ,,разголам” мојата душа. Зашто, за да создадеш песна, треба длабоко да продреш во себеси, и ако не го носиш срцето во себе, не ќе можиш да ги допреш тие поетски благодети.

Се сеќавам кога имавме претставување на една поетска манифестација во Бања Лука, на едно вакво прашање, стана еден поет и рече: Јас сум скромна, проста и едноставна душа. Станав и го прегрнав. Тоа сум и јас, му реков. Всушност ова е и дел од одговорот на вашето прашање.

Јулијана Маринковиќ е една толку едноставна личност, како и мојата поезија. А едноставноста е најредок луксуз во ова време, и голема одговорност за поетот.

НОВА: Читателите, Вашите читатели, како Ве примаат, имате ли реакции, допираат ли до Вас?

Би рекла дека поезијата е приватна религија, а поетот остров за себеси кој создава еден мост меѓу себе и универзумот. Кога пишувам поезија имам чувство дека создавам нешто навистина посебно битно, ја откривам суштината на некоја друга димензија. Да се гледаат нештата од поетска дистанца е навистина чудотворно. Поезијата не почнува со збор, туку со трепет, стих не се пишува од намера, туку од немир. Кога песната е напишана, поетот станува свој читател, но, таа не завршува со точка, туку тогаш почнува да живее. Не велам дека не ми значат реакциите на читателите, напротив! Мојата поезија наиде на доста позитивни критики, не само кај нас, туку и надвор од Македонија. На секој кој твори му е јасно дека тоа што го создава, не може да му се допадне секому, и тоа е сосема нормално. Мисијата на секој поет е да допре до срцето на читателот, да го разбуди се она што е племенито во луѓето и возвишено.

НОВА: Кои беа првите импулси да пишувате поезија, кога и како никнаа почетоците?

Морам да признам дека за моето творештво голема улога одиграа Илијада и Одисеја, а подоцна големо влијание имаа и многу поетски имиња, од Тагоре, Есенин, Конески и многу други. Отсекогаш ми беше интересен тој ,,алогичен” начин на изразување.

Иначе, поезија пишувам од мојата деветта година, можеби и порано. Првата песна ја напишав по повод Патрониот празник на моето училиште во кое учев, ,, Браќа Миладиновци “. Тоа беше некаде во петто одделение и освоив прва награда и до осмо одделение ги земам сите награди на тој голем ден.

Потоа почнав поинтензивно да пишувам песни и да ги праќам на наградни конкурси.

Имав голема поддршка од мојот драг наставник по македонски јазик, Блаже Цветковски (сега покоен), кој ми внесе голема љубов кон македонскиот јазик и литература.

Беше воодушевен од моето творење и често пати моите песни ги праќаше во списанијата, како, ,, Другарче”, ,, Наш свет”, и др. Тоа за мене беше посебна гордост.

НОВА: Зошто поезија, зошто не проза, есеистика или романтистика?

Јас сите литературни родови ги имам во себе, но доста рутински ми делува да се зафатам со таков проект, зборувам за прозата, зашто бара доста време. Не дека не сум пишувала кратки раскази или осврт за некое дело, но некако поблиска ми е поезијата.

Поезијата ја чувствувам како света енергија, како духовна светлина која преку јазикот ослободува огромна енергија на слобода, а воедно и го движи духот на таа енергија. Поезијата просветлува, преку неа се сочувствува, се вознесува мислата, се движат световите низ времето.

Таа литературна форма, според мене ја красат, сликовитоста, едноставноста и мелодичноста, а сето тоа ми е многу блиску.

НОВА: Што е примарно да се напише стих, каде лежи поривот, во свеста, во подсвеста?

Поетскиот вруток е неисцрпен извор низ чие корито тече неизгаслива вулканска маса. Зборувам за инспирацијата кога надоаѓа како цунами, макар што доста често се случува долго време поетот да затаи. Песната е здив на внатрешното, еден вид катарза или тивко прочистување во себеси. Тенка е границата меѓу свесното и несвесното, да не речам дека за поетот и нема граници. Ако во свеста е зборот, во подсвеста лежат сите ненапишани спомени и неискажани желби, кои го обликуваат уметничкиот израз. Се е тоа во една симбиоза, да се роди зборот како моќен спој меѓу пулсот на срцето и емотивната енергија, зашто не е можно да се пишува без душа. Секој стих е начин да го разбереш светот, но и својата тишина. Да бидам искрена, се што е околу мене може да ме инспирира да напишам песна, дури тоа е и мој начин на комуникација со надворешниот свет, со луѓето, ако некој тоа знае да го препознае.

НОВА: Кој е Вашиот поетски идол од домашните, а кој од светските поети?

Ако Есењин е синоним за поезијата во Русија, ако Англичаните му се восхитуваат на Шекспир, Грците на Хомер, Индијците на Тагоре, Црногорците на Његош, Србите на Миљковиќ, би рекла дека поезијата на Михаил Ренџов преку неговите псалми е поим за вечност. Ете, тој е мој идол. Но, не само тој. Македонија изобилува со моќни поетски имиња, како Блаже Конески, Анте Поповски, Гане Тодоровски…и многу други.

Од светските поети би ги спомнала, Есењин, Витман, Шимборска, Парун, Ахматова, и многу, многу други, секој е посебен универзум за себе.

НОВА: Пишувате главно на српски, на хрватски јазик, македонскиот не ви легнува доволно мелодично или…?

Поезија исклучиво пишувам на македонски јазик. Македонскиот јазик е најмелодичниот јазик од сите јазици на кој се твори. Песната напишана на македонски јазик, зрачи од себеси, автентична е на светлината. Поезијата ми е преведена на многу јазици : српски, хрватски, полски, англиски, словенски, турски, албански, француски, италијански…и секој јазик е од непроценливо значење. Песната преведена на друг јазик е од голема важност, зашто богатството на светот е во мозаикот на мешање на различни јазици и култури. Три мои книги ми се испечатени во Хрватска, една на хрватски јазик, другите две се двојазични, на македонско -хрватски јазик. И три книги ми се испечатени во Р. Србија, две книги на српски јазик и една на македонско – српски јазик. Имам и збирка поезија која е преведена на француски и италијански јазик и очекувам наскоро да се појават.

НОВА: Деновиве дојде вест дека сте примена за редовен член на Здружението на писатели на Р. Србија. Колку е значајно тоа за Вас?

Долго време, песните ми се објавувани во разни списанија, блогови, страни, антологии, низ бившите југословенски простори и надвор од тој простор. Со објава на моите книги во Р.Србија, добив покана да подадам молба за прием во Здружението на писатели на Р. Србија.

Убаво е чувството кога знаете дека сте испочитувани надвор од својата земја, тоа е значаен чин за Македонија, воопшто. А приемот во ДПС како редовен член е едно големо признание, награда за моето творештво. Тоа е голема чест, гордост и задоволство, со оглед на тоа што ДПС егзистира 120 години, значи се работи за културна институција кога има големо реноме.

НОВА: Признанија, награди, се множат. Ве исполнува ли тоа?

Мисијата на секој поет е да допре до читателот, да го просветли, да го разбере светот што го опкружува, зашто вечна е потребата по смисла. Со оглед на тоа што, секој сака да се изрази себеси, се создава секаква поезија, макар што јасно ни е дека кругот на читатели на поезија е доста ограничен.

Да се добие книжевна награда, посебно меѓународна книжевна награда, би рекла дека е празник за секој поет.

Но и кога не би постоеле награди, јас би пишувала, зашто поезијата е стил на живот, без кој не би можела да го замислам денот да не прочитам поезија или да не напишам некој стих.

НОВА: Дали Ви значат рецензиите, критиките?

Само би рекла дека ја имав таа чест и привилегија, мојата поезија да е предмет на критика од големи книжевни имиња. Би ги спомнала: Лаза Лазиќ, Радомир Андриќ, Томе Арсовски, Недељко Терзиќ, Милица Јефтимијевиќ Лилиќ, Видак М. Масловариќ, Веселин Мишниќ, Златко Мартинко, Горазд Росоклија, Златко Жоглев и многу други големи имиња од областа на книжевноста.

Јас сум приказна сама за себе, но, секогаш сум расположена за критика, било каква.

НОВА: Што подготвувате ново? Дали на повидок е нова збирка?

Мојот свет секој миг е исполнет со поетска мисла. Преку поезијата поетот ги склопува елементите кои ќе го оправдаат овој временски период, зашто преку стихот и суптилниот говор, поетот ќе ја тргне онаа тешка завеса на светот, неговата хаотична состојба во која се наоѓа, би рекла, отсекогаш. Поетот е чекор пред времето, а во него тлеат сите можни одговори за вечните прашање.

Второто прашање, нека биде загатка, имам посебно изненадување за моите читатели.

НОВА: Би сакале ли овде, на крајот на ова интервју, ексклузивно за НОВА, да оставите некој стих, песна. Може со било каква тематика.

Секогаш и со задоволство! Ви благодарам! Еве:

КОЈ ЧИТА ПОЕЗИЈА

Поезија се чита

од неколку причини

(за оној кој чита

и кој (не)знае да ја чита, нормално)

Заради чудотворната моќ на стихот

и езотериката на поетската

игра на зборови,

заради онтолошката мудрост

без патетична опиеност,

заради ведрината, потиштеноста

и бунтовноста на постоењето,

заради некој кој не сака да чита,

но е радознал да прочита

што напиша Јулијана,

заради желбата да му каже

на крекачката публика

што напишала Јулијана

и покрај тоа што не ги разбира туѓите

(не)скриени мисли.

Ете, тоа е најлошо, кога ќе се

преувеличи незнаењето,

па се создава

непосредна димензија

на еднојазични одговори

И, оп, ете ти изглумена

спонтаност на проѕирни намери,

а ти всушност му се обраќаш

со еден смислен израз

и универзална порака

да не се изгуби чувството

пред невидливата, натсетилната

поетска музика,

која свесно не надразнува

и ни ја полни мислата

со ритмичка драж.

Затоа, без пуританска лутина,

драги мои,

(не)читачи!

Јулијана Маринковиќ е современа македонска поетеса. Родена е и живее во Ресен. По професија е дипломиран педагог. Соработува во поголем број книжевни списанија и антологии. Преведена е на повеќе странски јазици. Маринковиќ  е добитник е на значајни награди во Македонија и надвор од земјата меѓу кои во Србија наградата ,,Живко Стојановски ” за најдобра поетска книга, потоа наградата во Македонија, ,,Орфеј”, па во Црна Гора наградата „Мојковачки поетски златник”, наградата ,,Печат кнеза лазара” во Србија, прва награда на емисијата ,,Семејна палета” на МРТ и на повеќе други. Почесен член е на „Град Сирмиум“- Сремска Митровица. Автор е на книгите: „Пепелни сништа“, „Прегратката на ветрот“, „На небо копно“, „Нешто над зборовите“, „Бесконечно чекори“, „Јас, Јулијана М“, „Апологија на љубовта“, и на други. Македонската поетеса Јулијана Маринковиќ неодамна е примена за член и на Здружението на писатели на Република Србија.

                                                                       

 

интервју Јулијана Маринковиќ
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Загинаа сите патници по падот на авионот на кениската компанијата „Момбаса Ер Сафари“

October 28, 2025

October 28, 2025

Германија: Училишна програма за децата во случај на војна

October 27, 2025

Полицијата во САД откри сериски убиец по 20 години

October 27, 2025

Париз: ДНК ги откри крадците но накитот од Лувр уште го нема

October 27, 2025
ФОКУС

ЈОРСМ: Две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ приведени за загрозување на животната средина и природата со отпад

ВЕСТИ October 27, 2025

Јавното обвинителство денеска соопшти дека се приведени и задржани две лица од раководството на ЈП…

Трамп до Путин: Нема да губам време

October 26, 2025

Родителите на загинатите во „Пулс“: Каде беа институциите кога ни изгореа децата?

October 25, 2025

Католичките свештеници за помалку од пет години сексуално злоупотребиле 4.451 лица

October 24, 2025
ТИКЕР

Загинаа сите патници по падот на авионот на кениската компанијата „Момбаса Ер Сафари“

October 28, 2025

October 28, 2025

Германија: Училишна програма за децата во случај на војна

October 27, 2025

Полицијата во САД откри сериски убиец по 20 години

October 27, 2025

Париз: ДНК ги откри крадците но накитот од Лувр уште го нема

October 27, 2025
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.