Италијанскиот фудбалски стручњак Антонио Конте повеќе не е тренер на Челзи.
Како што објави „Скај спорт“, раководството на клубот и Конте успеале да се договорат за спогодбен раскин на соработката, а Челзи на италијанскиот тренер ќе му исплати 9,5 милиони фунти.

Конте во лондонскиот клуб ќе го замени неговиот сонародник Маурицио Сари, кој минатата сезона го предводеше Наполи.
Рускиот милијардер, Роман Абрамович на крајот на сезоната најави дека новата сезона „сините” ќе ја започнат со нов менаџер, но и тоа дека повторно ќе биде Италијанец.
Не само Абрамович, туку и другиот дел до раководниот тим, се незадоволни, пред се, од истапите на Конте во јавноста, особено за трансфер политиката на клубот.
Италијанецот си заминува по две сезони на чело на стручниот штаб на „Сините“ со кои освои една титула во Премиер лигата и еден ФА Куп. Поради ова, Челзи со кратко соопштение се прости од својот досегашен тренер.
„За време на мандатот на Конте по шести пат станавме шампиони на Англија и по осми пат го освоивме Купот. Во првата, победничка сезона, остваривме рекордни 30 победи и го соборивме клупскиот рекорд по бројот на победи во низа – 13. На Антонио му го посакуваме секој успех во понатамошната кариера“, стои во соопштението.
Конте стана миленик на навивачите на Челзи, но по минатата лоша сезона, тој доби отказ на „Стемфорд Бриџ“. Само двајца тренери во историјата на Челзи имале повеќе освоени бодови по натпревар во Премиер лигата, додека Конте е тренер со најдобар процент на победи во историјата на „Сините“ во сите натпреварувања.