Премиерот Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарски прашања, откри дел од неговата агенда на Светскиот економски форум во Давос, но и детаљ кој досега не беше познат. Премиерот рече дека во Давос „не бил статист“ и дека не стоел по ходници за да бара „селфи“ со учесниците, туку и самиот учествувал на три панел-дискусии, меѓу кои и една организирана од угледниот британски тинк-тенк „Четам хаус“ (Chatam House).
Мицкоски рече дека добил аплаузи од присутните, но и дека нема снимка што тоа го покажува, бидејќи не било дозволено да се објавуваат видеа од овие настани (иако на неговата фејсбук-страница уште додека беше во Давос, тој објави видео од една од панел-дискусиите).
Учеството на премиерот на Светскиот економски форум, каде секоја година се собира светската политичка и економска елита, наиде на критики во јавноста и оценки дека тој таму не се сретнал со никој важен од светската политика и економија. Мицкоски уште додека беше во Швајцарија, изјави дека имал средби со претставници на познати светски компании, но не наведе ниту една од тие компании или нејзин претставник.
Извор: Слободен печат.мк




