Министерството за здравство должи 4, 2 милиони денари (68.000 евра) на Институтот за јавно здравје кој е сместен само еден спрат погоре во истата зграда. Министерството кон Институтот не исплаќало за партиципација за бремените жени кои се ослободени од ова со нивна одлука, повеќе од две години не ги плаќале превентивните кардиоваскуларни прегледи, како и набавката на неопходните радон детектори, потврдија за НОВА во Институтот за јавно здравје.
Ова се само дел од скоро 90 милиони денари кои Институтот не може да си ги наплати за услугите кои ги извршиле на разни фирми, институции, училишта, поединци. Девет милиони денари оваа сума се од направени услуги во здравството.
Сметката на Институтот е блокирана, а долгот изнесува над 130 милиони денари(2 милиони и 113 илјади евра). Во моментот сметката е блокирана поради две извршни решенија за долг од 4, 5 милиони денари кон ЕВН за неплатена струја и кон Фармахем, а извршители постојано тропаат на врата. Последната плата која вработените ја добија е за јуни годинава.
Оваа инстуција која е многу значајна за заштитата на здравјето на граѓаните не може да си ги наплати парите од должниците за да може да си ги подмири сопствените долгови. Дознаваме дека претходното раководство во Министерството за здравство дури не дозволувало Институтот да ја тужи Клиниката за инфективни болести за да си го наплати долгот од таму.
Овој проблем се провлекува во последните две години, а претходната влада немаше слух да го реши. Министерот за здравство Арбен Таравари на последнта прес конференција рече дека ќе го изнесе проблемот во Владата, но не кажа дека и Министерството е должник, ниту спомна како и кога ќе ги вратат парите.
“Оваа институција е многу важна за државата и на Влада ќе биде разговарано за проблемот“, изјави министерот Таравари.
Директорот Шабан Мемети за НОВА потврди дека планира да оствари средба со новото раководство во Министерството за здравство кое во изминатите два и пол месеци не најде начин да го стави во примарен план проблемот на оваа институција.
„Немаме се уште пратено службен допис до Владата. Во текот на неделава планирам средба со министерот, неговиот заменик и со државниот секретар за да видиме како понатаму“, изјави за НОВА Шабан Мемети директор на Институтот за јавно здравје.
НОВА се обрати и во Владата на РМ. Од таму одговорија дека се запознаени со проблемот и бараат решение во интерес на сите и на вработените и на граѓаните.
„Се бара начин како да се одблокира сметката и да се реши проблемот. Оваа работа ќе се решава на ниво на Влада“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Но, не се само долговите, тие што ја отежнуваат работата на Институтот за јавно здравје. Од таму велат дека Советот за јавни набавки веќе седум месеци ги кочи набавките на реагенси кои се неопходни за вршење на испитувањата. Токму заради немање на реагенси кога минатиот месец починаа двајцата гостиварци од хеморагична треска-хантан, Институтот беше принуден да позајми од Косово.
„Советот за јавни набавки не го интересира што се тоа ургентни состојби, а и не ги разбираат работите. Седум месеци го кочат тендерот за небулозни работи, прашуваат дали антигени се дупчиња за елиса, на пример. Бараат да доставиме имиња на тројца понудувачи, а во светот постои само еден за одредени реагенси. Прашуваат зошто бараме реагенси од референтни лабораторија, а ние мора да работиме со високо квалитетни реагенси за добиеме точни и сигурни резултати. Се работи за државен проблем, за заштита на цело население од заразни болести“, објаснуваат за НОВА експерти од Институтот за јавно здравје.
Институтот за јавно здравје е од стратешко значење за безбедноста и заштитата на здравјето на граѓаните. Покрај со превентивата во него се прават најразлични испитувања на заразни и незаразни болести и при секоја појава се подига будноста на највисоко ниво. Во вирусолошката лабораторија се испитуваат и утврдуваат случаи на грип, СИДА, западно нилска и хеморагична треска, денга вирус, кримско конгоанска треска, маларија, бруцелоза и многу други опасни и по живот загрозувачки болести кои доаѓаат од надвор. Во СЗО се пријавува секоја појава на ново заболување и се соопштува какви мерки се преземени.
И токму кога се очекуваше сериозно да се заземе за проблемот Таравари пред десеттина дена најави дека во план е да се отвори слична лабораторија на Клиниката за инфективни болести. Вработени од Институтот велат дека тоа е возможно само кога Инфективна клиника би работела брзи тестови за своите пациенти. Секој друг обид ќе биде импровизација бидејќи во Институтот, во лабораторијата работат седум луѓе кои се обучени во престижни и познати институти во странство, а секој чекор го следи британскиот Центар за контрола на болести и СЗО. Двајца од вработените, пак се обучени за теренски испитувања во случај на епидемија.
„ Тоа се прескапи лаборатории за да се дуплираат. И не е доволно да се има само апарати, доколку нема стручен кадар да ги интерпретира резултатите и да работи со високо инфективни агенси, тогаш не вреди ништо. Институтот е поврзан со сите земји на ЕУ во систем на контрола на болести, ние сме аспиранти, но и активно учествуваме во се. Еве, годинава се појави птичји грип во Бугарија и веднаш алармот беше вклучен во соседните држави и ние соработувавме меѓу себе “изјави Голубинка Бошевска началник на лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика.
Во Институтот за јавно здравје потенцираат дека лаборатории со таков капацитет се скап систем за одржување, а бидејќи ова е државен проблем кој го засега целото население Владата треба да изнајде начин како ќе се финансира и одржува.
Инаку, покрај вирусолошката лабораторија таму се вршат испитувања од областа на микробиологија, радиоекологоја, биолошко тестирање, испитувања на храна, вода и предмети за општа употреба. Во Институтот има 135 редовни и 40 времено вработени од разни профили како што се доктори на медицина, хемиски, машински инжењери, фарамцевти, нуклеарни физичари, професори, доценти, асистенти.
Сега на потег е Владата. Од неа ќе зависи дали и на кој начин ќе го реши проблемот за оваа институција да може да функционира нормално и да се грижи за безбедноста и заштитата на здравјето на сите граѓани во државата.